Почна новиот циклус инвестиции во руралните средини

До 20 февруари годинава земјоделците можат да аплицираат за субвенции за набавка на механизација за житни и индустриски култури. Според Програмата за рурален развој, поддршката е 50 до 75 отсто од вредноста на тракторите и другите машини. Младите земјоделци ќе добиваат грант од 55 проценти, а за недостапни рурални средини, стапката е 75 отсто од инвестицијата или максимум 57.000 евра по корисник.

Како што рече денеска на прес-конференција заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, и годинава аплицирањето ќе биде по елетронски пат за што е неопходно земјоделците да се евидентирани во Фарм регистарот. Постапката е максимално поедноставена, потребните документи се сведени на минумум.

Секој апликант може да поднесе барање за поддршка на инвестиција вредна најмногу 3,5 милиони денари. Со условите се посебно стимулирани младите земјоделци и жените сопственици на земјоделски стопанства.

- Ги охрабруваме сите што сакаат да го модернизираат производството преку набавка на механизација, да аплицираат на повикот што Платежната агенција го објави вчера. Ако некои од земјоделците, особено повозрасните, не се во можност електронски да аплицираат, можат да се обратат во најблиската канцеларија на Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, како и до стручните тимови кои се веќе на терен и остваруваат директни средби со производителите, нагласи Костадиновски.

Според Кирил Тодоровски од Платежната агенција, апликантите на огласот треба да достават само три документи: деловен план за инвестицијата, изјава и оригинална понуда од добавувачот на механизацијата.

- За инвестиција до 600.000 денари се добиваат 70 бодови, за инвестиција од 600.000 до 800.000 денари се добиваат 60 бодови, додека за инвестиција од 800.000 до 1,2 милиони денари се добиваат 50 бодови. Младите земјоделци, пак, до 40 години и жените носители на земјоделски стопанства независно од старосната граница, добиваат 30 бодови, објасни Тодоровски.

Право на учество имаат земјоделците што во текот на годината ќе реализираат производство од 1,5 хектар житни и индустриски култури, како и најмалку 0,5 хектари тутун. Ова, предочи Тодоровски, беше најчестиот услов што на претходните огласи не беше исполнуван и барањата беа одбивани.

Според него, електронското аплицирање што почна лани, двојно го зголеми бројот на поднесени барања. Наспроти досегашните во просек доставувани 800 барања по вообичаен пат, лани електронски биле поднесени 1.600.

За максимално искористување на вкупно проектираните 33 милиони евра поддршка од Програмата за рурален развој, стручни тимови ќе посетат 400 населени места во Македонија и директно ќе разговараат со земјоделците, детално ќе им ги објаснат условите и начинот на поднесување барања. Тие, како што рече заменик-министерот Костадиновски, се веќе на терен.

Преку Програмата за рурален развој, од 2009 година досега се набавени преку 2.200 трактори и повеќе од 7.000 други парчиња земјоделска механизација. Лани беа  одобрени 4,5 милиони евра на 930 корисници, а се набавени скоро 500 трактори и уште 1.500 други парчиња опрема. 

 
 
22.01.2016 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега