Холандија претседава со ЕУ: Целосно исполнување на договорот од Пржино

Целосното исполнување на договорот од Пржино, вклучувајќи го и одржувањето на фер, слободни и инклузивни избори, како и итните реформски приоритети ќе бидат од клучно значење за евроинтеграцијата на Македонија.

Ова го истакна амбасадорот на Кралството Холандија Вилем Вутер Пломп денеска пред членовите на Комисијата за европски прашања и на Националниот совет за евроинтеграции при презентирањето на Програмата и приоритетите за работа на холандското претседателство со Советот на Европската унија, пренесува МИА.

– Целосното исполнување на договорот од Пржино е од клучно значење за интеграцијата во ЕУ, бидејќи според него ќе биде оценет напредокот на Македонија по изборите и ЕУ нема да се воздржува да ја изрази својата загриженост во однос на подготовката за изборите и спроведувањето на кампањата која што ќе ја набљудува детално, рече амбасадорот Пломп.

Тој нагласи дека Холандија била, е и ќе продолжи да биде силен поддржувач на евроатлантсклата интеграција на Македонија, за што минатите 20 години обезбедила финансиска и техничка помош од над 200 милиони евра. Како претседателство, рече, комплетно се посветени кон постигнување колку е можно повеќе напредок во процесот на проширување, но, вели, мора земјите да покажат резултати најмногу во сферата на владеењето на правото.

– Идните месеци ќе бидат од суштинско значење за Македонија во овој контекст. Жалиме што не беше постигнат договор меѓу партиите за датумот на изборите. Меѓутоа, се надеваме и очекуваме дека сите партии ќе ги исполнат своите обврски и дека ќе продолжат да соработуваат конструктивно кон целосна имплементација на договорот од Пржино, вклучувајќи ги и прашањата кои треба да се разрешат како избирачкиот список и да се овозможат кредибилни избори согласно меѓународните стандарди. Исто така, се надевам дека се уште се возможни одредени компромиси, бидејќи тие се основа за една заедничка политичка иднина, рече Пломп.

По неуспехот за консензус меѓу партиите за изборите и утврдувањето на 24 април како конечен термин за нивно одржување, ЕУ, рече евроамбасадорот Аиво Орав, ќе ја следи и процени ситуацијата во следните неколку недели. кои Македонија, вели, треба да ги искористи  за спроведување на итните реформи.

– Тука сме да ви помогнеме. ЕУ е обединета во тоа да ви помогне заедно со САД да излезете од оваа криза. Она што е важно за вас и за нас е да се има веродостојни, фер и инклузивни избори, изразувајќи надеж дека во следниот извештај најмногу ќе се користи терминот „напредок“.  Се надевам дека оваа интензивна терапија за неколку недели ќе помогне да се одржи во живот договорот од Пржино, рече Орав.

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими изрази уверување дека кога е утврден датумот од страна на Парламентот останува да се применат сите стандарди и критериуми кои се бараат за домашните институции да организираат веродостојни и демократски избори со учество на сите страни во овој процес.

– Исклучително е значајно да има соработка на сите политички фактори, како на партиите од Владата, така и од опозицијата со цел овој процес да се реализира со висок кредибилитет и според највисоките демократски стандарди. Исто така, ова е дел кој што ќе биде забележан и во извештајот за напредокот на земјата. Што се однесува до имплементацијата на политичкиот договор е значајно Македонија да ја реализира агендата на итните реформски приоритети. Некои се такви што може веднаш да се завршат, а некои се системски, рече Бесими.

Холандија го презеде претседавањето со ЕУ на почетокот на годината односно за периодот јануари-јуни 2016 година. Мотото на холандското претседателство е „Да создаваме врски“, а во таа насока, нагласи Пломп, соработката со Македонија ќе продолжи во контекст на поддршка на повеќе холандски инвестиции во земјава, културна соработка, и преку промовирање одржлив туризам. Минатата година 30.000 туристи од Холандија ја посетиле земјава

 
 
20.01.2016 - 16:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега