Со инвестиции во здравствениот сектор до високи стандарди

Висок бебешки морталитет, немање зрачна терапија, долги листи на чекање, огромни долгови, немање средства во јавното здравство. Ова според претставниците на владеачката партија се само дел од разликите во здравството порано и сега, пишува Лидер.

Инвестициски циклус од 150 милиони евра во инфраструктура и 100 милиони во опрема во здравството

Во делот на здравствената инфраструктура во тек е инвестициски циклус со вредност од 150 милиони евра, во рамки на тој дел од инвестициите се комплетно реализирани, а дел се во тек. Меѓу позначајните инвестиции се, новата Универзитеска клиника за гинекологија и акушерство пуштена во 2011 година, новиот Дијагностичко-ургентен центар во Клиничката болница – Тетово, реконструираната Општа болница во Охрид, реконструираната болница за белодробни заболувања и туберколоза „Јасеново“ во Велес, реконструираната поликлиника „Букурешт“, потоа ПЕТ Центарот кој е во завршна фаза и се очекува наскоро да биде пуштен, започнатата реконструкција на Клиничката болница во Битола, како и на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, а ќе почнат и градежните работи и за реконструкција на Општа болница Прилеп.

Во делот на набавка на нова медицинска опрема, досега се инвестирани над 100 милиони евра, со цел унапредување на квалитетот на здравствените услуги во сите делови на Република Македонија.

“Неодамна промовиравме два нови апарати за компјутерска томографија, еден на Универзитетската клиника за неврологија и еден во поликлината „Јане Сандански“. Дополнителни два компјутерски томографи се пристигнати и во претстојниот период ќе бидат инсталирани во Универзитетската клиника за детски болести и во „Св. Еразмо“, рече неодамна Груевски.

Спроведени се група набавки на 6 мамографи во вредност од околу 40 милиони денари, кои веќе се пристигнати и се монтираат во болниците во Штип, Куманово, Прилеп, Кочани, Велес и Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.Во тек е постапка за набавка на нови мамографи и за Гевгелија, Радовиш, Кавадарци и Македонска Каменица.

Отпочната е набавка и на 12 нови амбулантни возила за Итната медицинска помош при Здравствениот дом Скопје.

Значаен сегмент, во кој контиунирано се вложува е едукацијата на медицинскиот кадар. Од почетокот на проектот во 2012 година досега вкупно 2084 здравствени работници се едуцирани во врвни медицински центри во странство во голем број различни области.Годинава е поставен таргет за 1000 здравствени работници кои се едуцираат во странство. 200 специјалисти се вратија од приватното во јавното здравство.

Воведен е „Мој термин“ – централизиран систем, кој содржи вкупно 1.645.378 електронски досиеја, а само од почетокот на 2015 година се креирани 7 милиони упати и 22 милиони рецепти.

Од 1 февруари 2012 година извршени се осум намалувања на цените на лековите, со што се опфатени над 4.700 лекови и заштедени се над 33 милиони евра.

Со проектот „рурален доктор“ опфатени се 1.227 населени места во државата, лоцирани во 72 општини, во кои живеат околу 360 илјади жители. Досега од почнување на функционирање на овој проект се извршени над 150 илјади прегледи. Со руралните аптеки во населени места се покриени до 3.500 жители. Со оваа мерка се опфатени над 130 илјади жители. Со подвижни аптеки се опфатени помали места до 1000 жители, а досега се доделени 6 лиценци, со кои се опфатени 304 населени места. Со проектот домашна визита, за превенција и превентивни здравствени прегледи, во рамки на шест циклуси досега, се извршени посети на над 103 илјади лица во нивни домови.

Груевски: Во 2016-та ќе се градат 4 нови болници и 5 ќе се реконструираат

Четири нови болници ќе се градат и пет ќе се реконструираат во новата 2016 година, најави премиерот Груевски во новогодишното обраќање до јавноста. Во 2016 година ќе почне изградбата на новиот Клинички центар, градбата на Клиничката болница во Штип, Ургентниот центар во Куманово, а во тек е и градбата на болницата во Кичево.

-Во здравството имавме повторно многу нови вложувања и ќе имаме уште повеќе во 2016-та. Се изгради болницата во Козле, новиот простор за Државната кардиохирургија, а ПЕТ центарот е при крај. Градбата на новиот Клинички центар се одолжи, но конечно се бира изведувач и во 2016-та ќе почне градбата на овој капитален проект, исто како и на Клиничката болница во Штип за која се одбра изведувач. Почнаа голем број темелни реконструкции на болници, како во Битола, Прилеп, Св.Еразмо во Охрид. Следува и реконструкцијата на болницата во Струмица и градбата на Ургентниот центар во Куманово, двете во март 2016, како и реконструкцијата на Клиничката болница Св. Наум Охридски во Скопје. Во тек е и градбата на болницата во Кичево, истакнува премиерот Груевски.
Тој посочува дека во изминатата година е решен проблемот со лековите за лица со ретки болести и воведени се поливалентни вакцини.
Во 2016 година, како што нагласува Груевски, се планира и отворање на центар за трансплантации.

Груевски: Даночни осолободувања за развој на здравствениот туризам

Даночни осолободувања најмалку десет години кои ќе ги поттикнат инвеститорите да вложат во развој на здравствениот туризам, предвидува Владата. За оваа цел, како што информира премиерот Никола Груевски, изготвено е и законско решение.

-Со законот сакаме да мотивираме и охрабриме инвеститори кои се занимаваaт со инвестиции во болници, клиники, во здравството, да инвестираат во овие слободни здравствени зони пред се заради создавање здравствен туризам. Согласно законот, инвеститорите ќе бидат ослободени десет години од плаќање данок на добивка, персонален данок на доход, како и од сите давачки за набавка на опрема, апарати, помошен медицински материјал, медицински помагала. Законот, предвидува оној што ќе изгради клиника или болница во рамки на овие зони да биде ослободен од данок на добивка десет години, а исто толку години ќе биде ослободен од персонален данок на доход. Десет години ќе биде ослободен и од сите давачки за набавка на опрема, апарати, помошен медицински материјал, медицински помагала. На тој начин ќе му се даде дополнителна конкурентна ценовна предност во правец на тоа да развие здравствен туризам. Во Македонија и онака цените на здравствените услуги се далеку пониски од развиените западни држави. Но, со овие ослободувања дополнително се мотивираат потенцијалните инвеститори да изградат нови болници. Доколку изградат и универзитети во рамки на тие болници, односно медицински факултети, тогаш ослободувањето може да биде и до 15 години, рече Груевски.

Повисоки плати за неколку категори лекари специјалисти

Зголемување на платите на лекарите во итната медициска помош, на лекарите специјалисти во здравствените домови и во центрите за јавно здравје, како и на фармацевтите специјалисти, најави премиерот Никола Груевски во декември. По одлуката за зголемување на платите на медицинските сестри кои имаат завршено високо образование, а што ќе стартува со февруарската плата, Груевски рече дека ќе има покачување и на платите на неколку категории пред се лекари.

“Прво на лекарите во итната медицинска помош каде што платите ќе се зголемат за над 11 посто или околу 2.700 денари повеќе отколку сегашната плата, потоа лекарите специјалисти во здравствените домови, лекарите специјалисти во центрите за јавно здравје и фарамцевтите специјалисти. Последниве две категории ќе имаат зголемување за 14,5 отсто зголемувањена плата или околу 4.000 денари ќе преставува нивното зголемување на сегашната плата, рече Груевски.

Проценката, додаде, беше дека откако ги зголемивме платите на специјалистите во клиниките и болниците останаа сепцијалистите во здравствените домови, во Итната медицинска помош, во центрите за јавно здравје и фармацевтите специјалисти.

– Така што одиме со овој чекор со зголемување на нивните плати и мислам дека тие тоа го заслужуваат. Станува збор за промена на колективен договор со којшто ќе се згоелмат нивните плати. Го заслужуваат затоа што луѓето си ја работат работата, имат релативно ниски плати, истакна Груевски.
Според него, ќе се реализира и ветувањето за минималната плата и од јануари нејзиниот износ ќе се зголеми од 9.590 денари на 10.080 денари во сите индустрии освен текстилната и кожарската каде што ќе се зголеми од 8.050 на 9.000 денари.

– Скоро илјада денари зголемување на минималната плата. А во тие две дејности до 2018 година ќе се изедначи со минималната плата на другите дејности до 10.080, како што е предвидено во програмата. Значи од 1 јануари се зголемува минималната плата во сите дејности онака како што е ветено во нашата програма, рече Груевски.

 
 
17.01.2016 - 09:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега