Ристовски најави нови поволности при сместување и стипендирање студенти

Денеска министерот за образование Спиро Ристовски изјави дека министерството за образование и наука утре ќе распише конкурс за прием на студенти во државните студентски домови. Студентите ќе конкурираат за 6.369 слободни места, а распределбата ќе се врши согласно новините од неодамна изгласаниот Закон за студентски стандард.

Според Ристовски законот содржи поволности и бенефеции за студентите при сместување и стипендирање, особено за тие од ранливите категории. - Целта на донесувањето на законот е да се  намалат сите влијанија, ургенции и обиди да се влијае на сместувањето од каква било гледна точка. Не само да говориме за партискиот елемент туку навистина да се постави систем во којшто врз основа на социо-економскиот статус на студентот и на неговото семјество ќе се даде правичен пристап во сместувањето. Тој појасни дека поголеми бенефиции им се овозможуваат на студентите кои се пријавуваат за сместување и исхрана во студентските домови, а кои согласно новиот Закон се делат на три категории, за кои се определува одреден процент од вкупниот број легла.

Иманео, првата категорија се студенти од ранливите категории, за кои државата целосно ги надоместува трошоците за сместување и исхрана во студентските домови. Опфатеноста на таа категорија студенти е до 40  проценти од вкупниот број легла во домовите. Тука припаѓаат студенти со статус на деца без родители и родителска грижа, деца со посебни потреби, деца на корисници на социјална парична помош и постојана парична помош, на самохран родител, на невработени родители и деца на корисници на надомест по основ на престанок на работен однос од деловни причини, за кои вкупните приходи во семејството се до нето минималната плата утврдена во државата. Во таа група спаѓаат и студентите со еден од наведените статуси за кои вкупните приходи во семејството се над нето минималната плата и кои плаќаат за сместување и исхрана во студентскиот дом каде добиле легло. Втората категорија се студенти кои постигнале особено висок успех во тек на досегашното учење.Опфатеноста на таа категорија студенти е до 25  проценти од вкупниот број легла во домовите. Третата категорија се студенти кои не се опфатени во претходните две категории, за кои ќе се распределат до 35 проценти од вкупниот број легла во домовите.

- Бројот на стипендиите ќе зависи од апликациите. Како и секоја година секогаш е иста количината на стипендии и  во буџетот за 2014 година ќе се планираат средства како и секоја година, наведе Ристовски.

Детални информации за условите и критериумите за пријавување за сместување во студентските домови ќе има во утрешниот конкурс. Аплицирањето и натаму ќе биде електронско, а пријавата може да се обезбеди на интернет порталот www.smestuvanje.mon.gov.mk

ФОТО: Дневник

најчитано сега