Градоначалникот на Делчево даде отчет за сработеното

Во изминатите 90-тина дена од моето назначување како градоначалник на Општина Делчево, општинската администрација и јас како Градоначалник на Општина Делчево остваривме повеќе проекти кои беа дел од мојата програмска определба на изминатите локални избори. Истотака реализирани се и започнати проекти кои што не беа дел од мојата предизборна програма, а се појави неопходност од нивна реализација во рамки на тековното работење на Општина Делчево.

            И покрај сериозните проблеми и потешкотии, подготвени сме на реализација на предвидените проекти од мојата предизборна програма во рамки на декларираните рокови за реализација, се со цел да ги подобриме условите за живеење на нашите сограѓани како и Делчево да го направиме поубаво место за  живеење.

            Во изминатиот период од три месеци откако ја превзедов функцијата Градоначалник на Општина Делчево реализирани се следните проекти и активности:

            Асфалтирани се 3 локални патишта во вкупна должина од 3 километри, чија што реализација беше предвидена во програмата за оваа календарска година, според следната динамика:

•     

Изграден е нов локален пат кон селото Косово Дабје и поставен е асфалт со површина од 4284 метри квадратни,

•     

Целосно е реконструиран  дел од локален пат кон село Нов Истевник (Балабанско маало) и поставен е нов асфалт со површина од 2905 метри квадратни,

•     

Поставен е нов асфалт со површина од 3122 метри квадратни на локален пат во село Драмче (Димовско маало)

            Сретствата за овие три локални патни правци во износ од околу 17 милиони денари се обезбедени од Европската банка за развој од страна на Владата на Република Македонија.

            Реконструиран е дел од регионалниот пат Делчево-планина Голак со површина од 4800 метри квадратни од страна на Македонија пат со сретства во износ од над 5 милиони денари.

            Завршена е реконструкцијата на улицата “Св.Кирил и Методиј” во населбата Милково брдо со поставување на асфалт со површина од 2487 м2 која што чинеше од над 6.5 милиони денари.

            Завршена е доизградбата на улицата “8-ми Септември” со поставување на асфалт со површина од 1270 м2 која што чинеше над 3.7 милиони денари пари обезбедени од беџетот на општина Делчево.

            Извршена е санација на главниот доводен цевковод со кој се снабдува градот со вода за пиење од брана Лошана. Прекинот на цевководот беше настанат за време на поплавите во февруари и градот беше соочен со сериозни проблеми во водоснабдувањето. За решавање на овој проблем се потрошени повеќе од 1.5 милиони денари.

            Во тек е изградба на мини спортски комплекс  во дворот на ООУ “Ванчо Прќе”. Во рамки на овој проект станува збор за реконструкција, доуредување и доизградба на површина од околу 4000 м2 во која е предвидено:

•     

Асфалтирање на мултинаменско спортско игралиште со површина од над 1500 м2

•     

Изградба на армирано-бетонски трибини  во должина од 35 метри

•     

Уредување на ново игралиште за мал фудбал на зелена површина

•     

Изградба на нов терен за тенис .

            Сретствата за реализација на овој проект се од Буџетот на Општина Делчево. Проектот не е предвиден во предизборната програма но поради негова реална оправданост и потреба истиот се наметна за реализација за тековната година.

            Во поодмината фаза е реализацијата на проектот за имплементација на енергетско ефикасни мерки преку реконструкција на ОУ Ванчо Прќе, средствата се обезбедени од прекугранична соработка од ИПА програмата

            Обезбедени се сретства во износ од 1 милион денари за реконструкција на главен реонски водоводен цевковод и замена на азбест-цементните цевки со нови на потегот од крстосницата на Булевар ММ Брицо со улицата Никола Јонков Вапцаров кон населбата Милково Брдо. Реконструкцијата ќе започне наскоро.

            Обезбедени се 1 милион денари за довршување на 200 метри од колекторскиот систем на река Брегалница. Во тек е постапка за комплетирање на документацијата и избор на најповолен понудувач за градба.

            Во тек е подготовка на техничка документација за изградба на пешачки мост на река Брегалница во централно градско подрачје. Во рамки на овој проект обезбедени се 2,4 милиони денари од страна на швајцарската програма “Форуми на заедницата” додека 2,4 милиони денари се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.

            Завршена е подготовката на Основниот проект за изгадба на локален пат кон село Турија.

            Обезбедени се сретства за реконструкција на кровот на Детската градинка “Весели цветови” со имплементација на мерки за енергетска ефикасност. Реализацијата на градежните активности ќе започне во наредните два месеци. Исто така подготвена е техничка документација за проширување на просторните капацитети на градинката со нови 4 простории. Почетокот на градежните работи се очекува да стартува во септември оваа година.

            Во завршна фаза е продажбата на градежно неизградено земјиште во Индустриската зона “Долни Бавчи” по што  следува подготовка на основна техничка документација за изградба на инфраструктура во истата. Очекуваме продажба на 16 парцели, се надеваме на брза изградба на производни капацитети и овозможување на  нови работни места

            Во тек е постапка за подготовка на урбанистичка планска документација за Технолошко индустриската развојна зона во Делчево од  страна на Владата на Република Македонија. Истата се предвидува да заврши кон крај на оваа година по што ќе следи подготовка на технички проекти за инфраструктура и почеток на градба на истата.

            Општина Делчево во соработка со Општина Македонска Каменица тековно е дел од меѓуопштински “Форум на заедниците” со програмска тема “Собирање на смет” преку кој ќе се обезбедат 6.8 милиони денари за третирање на оваа тема преку идентификуваните проблеми во рамки на програмската расправа. Швајцарската агенција за развој учествува со 3,4 милиони денари, додека по 1,7 милиони денари се обезбедени од општинските буџети на двете општини.

            Покрај овие проекти од инфраструктурен карактер Општина Делчево е посветена и на реализација на повеќе проекти од областа на културата, образованието и социјалната сфера.

За таа цел Општина Делчево продолжува со

•     

доделување на еднократен паричен надоместок од 3000 денари на секое новородено дете во Општина Делчево;

•     

Доделување на стипендии на најуспешните ученици при СОУ ММ Брицо и студенти на македонските универзитети како и стипендии за студенти во странство

•     

Доделување на стимулативни награди на најуспешните матуренти од гимназијата во Делчево,

•     

Доделување на парични сретства на семејства со мали финансиски примања во семејството

 

            Овој период од неполни 100 денови е мал за ефектуирање и реализација на поголем број на проекти, но и сериозна основа за верификација на посветеноста и напорите на мене како Градоначалник, заедно со Советот на Општина Делчево и општинската администрација  во блиска и секојдневна комиуникација и соработка со граѓаните на општина Делчево, за сите овие реализирани и тековни проекти. Овој тренд на реализација на предвидените активности во иднина ќе продолжи да се интензивира со што верувам дека ќе ја оправдаме укажаната доверба од граѓаните.

Интегрален текст од прес-конференција.

ФОТО: Ирис

најчитано сега