Се инвестира како никогаш до сега: Крупни инвестиции во автопатска инфраструктура

Се градат три нови, се обновуваат постоечките. Македонија како никогаш до сега инвестира во автопатска инфраструктура.

57-те километри од Кичево до Охрид ќе се минуваат побрзо и побезбедно веќе од 2018-та. Досега се пробиени 100% од трасата, 1.200 работници се на терен и се вклучени во изведбата на 29 мостови и 1 тунел во можеби најнепристапните предели од земјава.

Од Скопје до Штип сега се патува барем час и половина. Со новиот автопат времето ќе се преполови, а општините Свети Николе и Петровец ќе станат соседи во вистинска смисла. Сега се близу само на картата. Миладиновци и рафинеријата ОКТА во реалноста се поблизу до ова гратче отколку до Ѓорче Петров. Поврзувањето треба да биде готово до крајот на 2017-та.

Се вложува и на коридорот 10. До крајот на годинава треба да биде завршена делницата Демир Капија – Смоквица. Со неа грчките плажи и гевгелиските казина ќе бидат 8 километри поблизу, а до нив ќе се стигнува и до 30 минути побргу. Новиот автопат не го следи Вардар низ клисурата туку премостува реки и пробива ридови речиси во права линија.

Првиот човек на Агенцијата за патишта, Александар Стојанов за АЛФА вели дека се инвестира на целата територија на државата. Според Стојанов, само трите автопати ќе чинат над 800 милиони евра.

-Моментално се градат 132 километри автопат, што е еден голем процент на автопатската мрежа, тоа значи дека за 50 проценти ќе се зголеми автопатската мрежа во Република Македонија, а се рехабилитира комплетно коридор 10. Очекуваме да во текот на 2016, односно во почетокот да го започнеме делот и да го рехабилитираме делот Неготино – Демир Капија во должина од околу осум километри, вели Стојанов.

Над 90 отсто од компаниите и работниците кои учествуваат во изградбата на автопатната мрежа се домашни вели министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, според кого ова било особено значајно за македонската економија.

-Моментално се од прилика 3000 градежни работници на автопатските делници што тоа значи голем стимул на градежништвото и на македонските компании и на Македонците и на македонските инжинери и на сите ониеградежни  работници што се инволвирани во патиштата, тоа значи дополнителни нови работни маста, а од друга страна сите компании кои се инволвирани како подизведувачи се претежно македонски компании, што даваме еден стимул на македонската градежна економија, односно градежништвото расте, изјави Мисајловски.

Вложувањата во инфраструктурата имаат повеќекратни ефекти, објаснуваат надлежните – велат дека на краток рок се поттикнува градежништвото, само на автопатите биле ангажирани 3.000 градежници, а на долг рок се подобрува конкурентноста на целокупната економија – новите патишта значат побрз транспорт, помали трошоци за компаниите.

Изградбата на новите автопати се најголемата инвестиција во патната инфраструктура од осамостојувањето. Сите заедно чинат речиси 800 милиони евра. Кога ќе бидат готови – за околу три години, Македонија ќе го има завршено целиот коридор 10 како автопат.

Премиерот Никола Груевски во своето новогодишно обраќање истакна дека милионски проекти од патната и железничката инфраструктура се инвестираат во македонската економија.

Груевски истакнува дека согласно планот во тек е изградба на трите автопата во Македонија. Речиси е готова, посочува,  и реконструкцијата на автопатот Велес-Катланово, а во 2016-та ќе се реконструира автопатскиот дел Смоквица-Гевгелија и Куманово-Скопје. Во 2015-та започнавме со реконструкција на 13 регионални и магистрални патишта во должина од 170 километри.

– Во 2016-та започнува градба на неколку експресни патишта со четири ленти за кои веќе се обезбеди и потпиша финансиска конструкција. Тоа се Штип-Кочани, Штип-Радовиш, Ранковце-Крива Паланка, Охрид Пештани и Градско-Прилеп, плус ќе започнеме и реконструкција на други шест регионални патишта, информира Груевски.

 
 
02.01.2016 - 10:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега