Вељаноски: 2016 да биде подобра и без кризи и турбуленции

Влегуваме во Новата 2016 година и верувам сите ние интимно си посакуваме таа да биде подобра и без сите оние политички кризи и турбуленции кои ги оставаме зад нас. За тоа да се случи одговорноста е пред се на нас политичарите кои секогаш треба интересите на граѓаните и државата да ги вреднуваме и да ги ставаме над теснопартиските интереси, посочува претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во своето новогодишно обраќање.

Факт е, истакна Вељаноски, дека одговорноста е многу поголема кај мнозинството кое управува со државата и ги спроведува програмите и политиките верификувани од граѓаните. - Но не треба да не се занемари и одговорноста на опозицијата која како политички принцип и вредност се повеќе се заборава. Сепак, и за ова најповикани да судите сте вие почитувани граѓани на престојните парламентарни избори, наведува Вељаноски. 

Зад нас, истакнува тој, останува година за која можеме да речеме дека беше година на турбуленции, а на моменти и вистински политички кризи. - Покрај внатрешните проблеми за кои верувам доволно е зборувано, ни се случи и бегалската криза. Фактот дека низ нашата држава поминаа скоро половина милион луѓе, а од нив голем број деца и жени ја покажува сериозноста на оваа бегалска криза. Република Македонија во рамките на нашите можности, односно институциите заедно со невладините организации обезбедија минимални услови за овие луѓе да не се чуствуваат како луѓе кои ги заборавил светот и се препуштени сами на себе, рече претседателот на Собранието.

Вељаноски, како што вели, сосема искрено посакува идната година да ни донесе пред се здравје за нас и нашите најблиски. - Да донесе мир посебно во оние држави во кои населението е присилено да бега и да ги напушта своите домови. 2016 да биде по бериќетна од оваа која заминува и кај секој наш граѓанин многу почесто да гледам насмевка и задоволство отколку тага и загриженост. Нека ни е среќна новата 2016 година. Нека ни се благословени престојните Божиќни празници, посочи претседателот на Собранието Вељаноски во своето новогодишно обраќање.

 
 
31.12.2015 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега