Груевски: Зачленувањето во ЕУ и НАТО остануваат приоритети
Напорите за членство во ЕУ и НАТО продолжуваат, а предизвик останува и мигрантската криза, како и имплементацијата на Рамковниот договор, порачува премиерот Никола Груевски во новогодишното обраќање.
- Нашите напори Македонија да се зачлени во ЕУ и НАТО, ќе продолжат и во 2016-та, вклучувајки ги и напорите да се изнајде решение, кое ќе овозможи деблокада од нашиот јужен сосед. Мигрантската криза во 2016-та ќе продолжи да биде сериозен предизвик и на неа ќе треба да останеме фокусирани. Односите помеѓу различните етнички заедници и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, исто така, ќе бидат во приоритетите, бидејќи соживотот претставува клучен фактор за нашиот напредок, вели премиерот Груевски.
Тој оценува дека ни претстои напорна и тешка работа во претстојната година која, уверува, ќе доведе до напредок.
- Не чека година кога многу работи ќе станат појасни, а Македонија ќе мора да излезе од заложништвото и да застане гордо и достоинствено на патот кон напредокот. Ќе биде тешко, не велам дека сите проблеми ќе ги решиме, но гарантирам дека ќе работиме повеќе, со цело срце и подобро од кој било друг, ќе одиме напред!, порачува претседателот на Владата Никола Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа