Слободни здравствени зони за развој на здравствениот туризам
Привршуваат подготовките за основање на слободни здравствени зони. Инвеститорите кои ќе вложат во развој на здравствениот туризам во земјава, ќе добијат даночни ослободувања најмалку десет години. Владиниот проект е пред пратениците. Ќе придонесе за трансфер на нови знаења, технологии и вештини во здравството, вработувања и привлекување туристи. Ќе се внимава, здравствените објекти во зоните да не бидат нелојална конкуренција ниту на приватните, ниту на државните здравствени установи во земјава, пишува Лидер.
„Сакаме да ги мотивираме и охрабриме инвеститори кои се занимаваат со инвестиции во болници, клиники, во здравството, да инвестираат во овие слободни здравствени зони пред сѐ заради создавање здравствен туризам“, соопшти вчера премиерот Груевски.
Слободните здравствени зони се присутни во повеќе земји, а овој проект ќе ја смести Македонија на мапата на инвеститорите од областа на здравството. Целта е привлекување на странски капитал за воведување на нови здравени методи и постапки, зголемување на конкурентноста и вработувањето како и зголемување на квалитетот на високо образовната понуда од областа на медицината.
Согласно законот, инвеститорите ќе бидат ослободени десет години од плаќање данок на добивка, персонален данок на доход, како и од сите давачки за набавка на опрема, апарати, помошен медицински материјал, медицински помагала.
Законот, исто така предвидува оној што ќе изгради клиника или болница во рамки на овие зони да биде ослободен од данок на добивка десет години, а исто толку години ќе биде ослободен од персонален данок на доход. Десет години ќе биде ослободен и од сите давачки за набавка на опрема, апарати, помошен медицински материјал, медицински помагала. Во креирањето на Законот биле консултирани различни експерти.
„Внимавано е од една страна инвеститорите кои што ќе изградат нови болници во овие зони да имаат огромна конкурентна ценовна предност при носењето на пациенти од странство, од друга страна кога станува збор за нелојална конкуренција тие да не претставуваат нелојална конкуренција за сегашните или пак идните здравствени установи во Македонија кои се надвор од зоните. Предвидено е доколку инвеститорот зема кадар кој што е веќе вработен во постоечките здравствени институции во Македонија да нема ослободување од персонален данок за да се стимулира вработување на повеќе невработени лекари и друг медицински персонал“, рече прмиерот Груевски.
Во областа на здравството, многу важен сегмент е пренесувањето на знаење и нови начини на работа, како и нови технологии. Според надлежните, се очекува при градбата на болниците, освен домашниот медицински персонал, инвеститорот да донесе и персонал, во помал број- врвни специјалисти од развиени држави кои ќе го пренесат своето знаење, искуство и вештини на оние кои ќе бидат вработени од Македонија и кои не стекнале такви вештини.
„Лидер“: Милионски инвестиции за современо здравство
Македонското здравство врти нова страница. Се вложува како никогаш досега, а слободните здравствени зони ќе придонесат за побрз развој и зголемување на квалитетот на здравството во земјава.
Во моментов во здравството се случува инвестициски циклус тежок 150 милиони евра. Се градат нови болници, старите се обновуваат. Меѓу поголемите проекти е изградбата на новата Универзитеска клилника за гинекологија и акушерство пуштена во 2011 година, новиот Дијагностичко-ургентен центар во Клиничката болница – Тетово, реконструираната Општа болница во Охрид, реконструираната болница за белодробни заболувања и туберколоза „Јасеново“ во Велес, реконструираната поликлиника „Букурешт“, детската болница „Козле“. ПЕТ Центарот е во завршна фаза и се очекува наскоро да биде пуштен, а започнатата реконструкција на Клиничката болница во Битола, како и на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. До крајот на годината ќе почнат градежните работи и за реконструкција на Општа болница Прилеп.
Во делот на набавка на нова медицинска опрема, досега се инвестирани над 100 милиони евра, со цел унапредување на квалитетот на здравствените услуги во сите делови на земјава. Континуирано на клиниките и болниците им се ставаат на располагање нови апарати, како компјутерски томографи и мамографи.
Контиунирано се вложува во едукацијата на медицинскиот кадар. Од почетокот на проектот во 2012-та година досега вкупно 2.084 здравствени работници се едуцирани во врврни медицински центри во странство во голем број различни области. Годинава 1.000 здравствени работници ќе се едуцираат во странство. Покрај ова, растат и платите на здравствените работници.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа