Ветувањата на Владата се остваруваат: Струмица ќе добие модерна болница
Се реализира уште едно ветување од Програмата на Владата на Република Македонија, а тоа е дооформување и адаптација на започнатата градба на објект на општа болница Струмица, кој е изграден до фаза карабина во далечната 1985 година.
Министерот за здравство Никола Тодоров вели дека станува збор за објект кој стои речиси 30 години и практично ќе дојде како градба од почеток, со што пациентите од струмичкиот регион ќе добијат нова болница.
Тендерот е веќе објавен, односно отпочната е тендерската постапка за градежните работи на објектот на општа болница – Струмица. Отворањето на понудите е на 5 февруари. Вредноста на овој проект e проценета на 275.000.000 денари.
-Сакам да потенцирам дека иако предвидениот рок за овој проект кој го дадовме пред граѓаните во Програмата на Владата беше вториот квартал од 2017 – 2019 година, сепак Владата на Република Македонија донесе одлука за повеќегодишна набавка, односно вложи заложби за ова исклучително значајно ветување за граѓаните од Струмица и струмичкиот регион да го реализираме, како што сме ветиле, па дури и пред предвидениот рок. Со овој проект предвидено е дооформување и адаптација на постојниот објект, т.н. „Хируршки блок”, кој се состои од два блока: блок А и блок Б и со овој проект опфатени се и двата блока со вкупна површина од околу 6500м2. Блокот А има приземје и четири ката и се развива на површина од околу 5100м2, додека блокот Б се состои од приземје и два ката со површина од околу 1400м2, истакна министерот.
Инаку, во 2002 година е иницирано дооформување на објектот, при што се извршени работи на дел од објектот – преградни ѕидови, скали, лифтовски окна, кровна конструкција со покрив од профилиран лим, мал дел од инсталациите…
Според потребите во објектот предвидено е да се сместат следните содржини:
Ургентен центар, приемен дел за стационирани пациенти, стационари за хируршки болести, ортопедија и трауматологија, уролошки болести, пластична хирургија, гинекологија и акушерство со неонатологија, одделението за очни болести и одделението за болести на уво, нос и грло.
– Во овој објект е предвидено да биде и оперативниот блок -составен од 3 операциони сали за општа и дигестивна хирургија, за трауматолошко-ортопедски интервенции и други чисти оперативни зафати, урологија и пластична хирургија, офталмологија и ОРЛ, како и интензивна нега, централна стерилизација, и лабораторија за патологија. Според досегашните индикатори за работата на болницата и целите кои треба да се постигнат во Општата болница во Струмица (80% искористеност), идниот капацитет на овој блок, кој треба да се оформи во недовршениот објект, се дефинира со вкупно 83 болнички кревети, рече Тодоров.
Имајќи предвид дека објектот подолго време, повеќе од 10 години, е во истата состојба, односно тогаш биле извршени определени зафати, но објектот од тогаш не се користи, предвидено е, покрај функционалните адаптации, да се изведат и сите неопходни градежни, градежно-занаетчиски и инсталатерски работи за истиот да се стави во функција.
-Во овој контекст со проектот се предвидува и комплетен BMS (Building Mаnagеment System) – центар за интелигентно управување со објектот, компјутерски центар за интеграција на сите системи во болницата, како и пристап од улицата до влезот и Ургентниот центар, поправка на фасадата, терасите, столаријата, покривот, настрешниците и проверка на делумно изведените инсталации со цел истите да се усогласат и изведат според новото функционално решение. Покрај ова, сакам да истакнам дека во Општа болница Струмица во изминатиот период беше извршена и доградба, реконструкција и адаптација на приземјето на влезот на амбулантно-поликлиничкиот дел, градежно-занаетчиски услуги од различен вид – поправка на кров, ѕидарски, молерски, керамички и други работи, реконструкција на постојниот оперативен блок, како и реновирање на болничка аптека, оддел за физикална терапија, дел од психијатрија со санитарни јазли и нова амбуланта, варосување на целата болница и асфалтирање на влезот и предниот дел од болницата. Само за реконструктивни зафати се инвестирани над 31 милиони денари за оваа јавна здравствена установа. Во однос на приближување на здравствените услуги до жителите од градот Струмица и околните места, да потсетам дека успешно функционира Центарот за интервентна кардиологија и од почетокот на годинава досега се извршени 270 интервенции, дополни министерот за здравство.
Од оваа година е воведена и фибероскопија, ОРЛ – дијагностична метода, а во областа дерматологија за првпат е воведена дермоскопија – дијагностичка метода за откривање на кожни промени и откривање меланоми на кожата.
-Во оваа установа ја воведовме и FACO-методата за операција на катаракта и досега е успешно интервенирано кај 360 пациенти.
Дополнително, во струмичката болница изминатиот период беа воведени и други методи како: колоноскопија, ехо на колкови на доенчиња, артроскопија на колено, суптотална протеза на колкови, третирање на фрактури на натколеница. Во областа урологија се работат ендоскопски интервенции, трансуретрална ресекција на простатата, трансуретрална ресекција на тумори од мочен меур, трансуретрална ресекција на вратот на бешиката, кршење на камен во уретер и мочен меур. Со сите овие новини, континуирано вложуваме во унапредување на условите за третман и лекување на пациентите – мерки кои значат директен бенефит за над 230.000 жители од Струмица и поширокиот регион, заклучи Тодоров.
Како ќе изгледа оваа болница, погледнете во продолжение:
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа