Отец Пимен: Да го разбиеме стереотипот - на попе рака

Утрешното чествување на Свети Никола во храмовите на МПЦ ќе покаже колку една фејзбук иницијатива на Митрополитот г. Пимен, која наиде на широко одобрување, може да се претвори и реално во една хумана акција на Црквата. Владиката Пимен во интервју за Прес24, вели дека не очекувал толкав одек на идејата, наместо дарови за црквата, верниците за Свети Никола да донесат по едно плишано мече, кои потоа би биле подарени на најмалите.

-Виртуелно има многу луѓе кои со својот лајк или споделување ја поздравија иницијативата, ќе видиме за некој ден дали бројот на мечиња ќе биде ист со бројот на лајкови, вели г. Пимен во интервјуто за Прес24.

Иницијативата е врзана само со овој празник и Владиката смета дека таа нема да се одрази негативно врз функционирањето на Црквата.

-Идејата е дарување еден ден на различен дар, така да нема опасност да останеме без зејтин како црква. Зејтин имало и ќе има, акциите на милосрдие се поретки, вели Митрополитот на МПЦ.

Дарувањата на црквата имаа своја важна улога во нејзиното функционирање. Но, не секогаш тие дарови се најважни. Предметите и производите што верниците ги оставаат во црквите се добредојдени и тие треба да продолжат и понатаму, но Црквата треба да покренува и практикува и вакви хумани иницијативи, смета Отец Пимен. 

- Низ времињата кога парите и не биле во некој значаен обрт, кога повеќе функционирала компензацијата, луѓето во црквата дарувале она што произведувале. Така ја имаме традицијата на дарување јагниња на пример. Зејтинот се носи со намера да се дотура во кандилата, но кога ќе се собере повеќе отколку што може да изгори во кандилата тој се донира во народните кујни, или на лицитација се продава со сите останати предмети што се дарувани во црква. Буџетот кој го остваруваат црквите потоа е за покривањето на основните давачки на храмовите, за плаќање придонеси на свештенството, за градење нови цркви, за помагање онаму каде што има потреба..., вели за Прес 24, Г. Пимен.

Смета дека оваа иницијативе нема негативно да биде протолкувана од свештенството.

-Не би сакал да верувам дека меѓу нашето свештенство има луѓе со закоравени срца, луѓе на кои им е омилело материјалното пред духовното, луѓе кои немаат милост и човекољубие. Верувам дека оваа иницијатива дури ќе ни даде убава можност како свештенство да ја разбиеме таа стереотипна слика за нас дека само бараме рака, а рака не даваме, потенцира во интервјуто, Митрополитот на МПЦ.

Г. Пимен, во интервјуто одговара на прашања повразни со начините на прзнување, обичаите и црковните елементи, но и на прашања од делокругот на МПЦ, внатрешен и надворешен.

ПРЕС24:  Една ваша констатација на социјалните мрежи за само еден ден доживеа екстремна афирмација. Велите за Свети Никола не носете зејтин, донесете плишани мечиња за најмалите. Верувавте дека може да се случи ваква ситуација и што правиме ако за Свети Никола, црквите останат без зејтин, а се наполнат со плишани мечиња?

ОТЕЦ ПИМЕН: Искрено не верував дека идејата може да наиде на толкава поддршка, но ете се случи. Виртуелно има многу луѓе кои со својот лајк или споделување ја поздравија иницијативата, ќе видиме за некој ден дали бројот на мечиња ќе биде ист со бројот на лајкови. 

Идејата е дарување еден ден на различен дар, така да нема опасност да останеме без зејтин како црква. Зејтин имало и ќе има, акциите на милосрдие се поретки.  

ПРЕС24: Ако, огромен дел од верниците ја прифатија оваа иницијатива и за нив станавте омилен лик од Црквата, кај свештениците и луѓето од црквата чинам може да заработите негативен контекст?

ОТЕЦ ПИМЕН: Не би сакал да верувам дека меѓу нашето свештенство има луѓе со закоравени срца, луѓе на кои им е омилело материјалното пред духовното, луѓе кои немаат милост и човекољубие. Верувам дека оваа иницијатива дури ќе ни даде убава можност како свештенство да ја разбиеме таа стереотипна слика за нас дека само бараме рака, а рака не даваме. Верувам и дека огромен број свештеници ќе се првите луѓе кои сабајлето на празникот ќе ги донесат првите играчки.

ПРЕС24: Реално, што црковно значи дарувањето зејтин, разни предмети, пари од верниците за црквата?

ОТЕЦ ПИМЕН: Низ времињата кога парите и не биле во некој значаен обрт, кога повеќе функционирала компензацијата, луѓето во црквата дарувале она што произведувале. Така ја имаме традицијата на дарување јагниња на пример. Зејтинот се носи со намера да се дотура во кандилата, но кога ќе се собере повеќе отколку што може да изгори во кандилата тој се донира во народните кујни, или на лицитација се продава со сите останати предмети што се дарувани во црква. Буџетот кој го остваруваат црквите потоа е за покривањето на основните давачки на храмовите, за плаќање придонеси на свештенството, за градење нови цркви, за помагање онаму каде што има потреба... На тој начин црквата ја продолжува својата мисија низ вековите и на сите богослужби си споменува за сите оние ктитори, дарители и украсители.

ПРЕС24:  Ве прашувам, затоа што честопати кога се отвараат вакви теми, тие доаѓаат како парцијални иницијативи на поединци од црквата и речиси секогаш се судираат со ставовите на локланите свештеници. Таков е и примерот, еве сега пред божиќните празници со палењето бадникови огнови, делење бадникови гранчиња... 

ОТЕЦ ПИМЕН: Палењето бадникови огнови и делењето на гранчиња предизвикува спротиставени ставови бидејќи обликот што тие го земале денес стануваат повеќе пагански отколку христијански. Сето тоа има симболика, на пр. луѓето собрани околу огновите го симболизираат чекањето на пастирите  да се роди Христос кои треба да се во молитвено исчекување на радосната вест, а овие наши денешни собири се вечери на предвремено кршење на постот со она што се пече на тие огнови, што се пие дури и во поголеми количини, што ретко кој следниот ден е во состојба да дојде во црква и место симболички суштински да го дочека празникот на Рождеството Христово. 

Гранчињата не можат да го понесат со нас оној благослов во нашите домови кој може да го понесат нашите души после причестувањето со Телото и Крвта Христови. 

ПРЕС24:  Зошто за сите овие теми како Синод, сите Владици не постигнете некаков заеднички став кој во форма на совет би го објавиле на верниците, за да нема и заблуди и нејасотии?

ОТЕЦ ПИМЕН: Не дека немало заеднички ставови по некои прашања за кои сме се усогласиле и кои сме ги препорачале на верниот народ за да се избегнат заблудите или нејаснотиите, туку повеќе би рекол дека можеби не доволно одекнале меѓу народот или не предизвикале доволно бука за да останат запмтени.

ПРЕС24:  Отец Пимен, Вие сте еден од ретките Владици на МПЦ, кој преку социјалните мрежи честопати знае да соопшти став различен од општиот впечаток за одредени црковни состојби. Мислите дека тоа има ефект?

ОТЕЦ ПИМЕН: Сакам да верувам дека има ефект. Зошто инаку би го правел тоа? За моја лична промоција сигурно дека не. Сакам на луѓето кои ги следат моите ставови да им го разбијам стереотипот дека црквата не е веќе жива, дека е тоа една затворена старомодна институција полна симболики и форми, а суштината стои негде далеку низ златните времиња на црквата. Сакам на луѓето да им предочам дека не ѕидовите се црква, туку сите ние заедно собрани во име на Бога сме Црквата. Дека не може да Го љубиме Бога кого не сме го виделе, ако го мразиме братот што секој ден го гледаме.

ПРЕС24: Меѓутоа сте и веројатно единствен, кој знае и политички да прокементира одредени состојби во државата. Обидот да Ви се забрани фејсбук не помина, која е следната фаза?

ОТЕЦ ПИМЕН: Знам да прокоментирам и политички, бидејќи не сакам да прифатам дека некој има ексклузивно право да има право да ја креира, практикува и да наметнува политика која потоа се бави и со економија од која зависи квалитетот на нашите животи, а да се наметнува омеѓување на коментирање на политичко економски состојби на секој еден што не е професионален политичар. Ниту политиката, нити црквата ми дава право на политички коментар, туку моето граѓанско право на глас. Кое е тоа лицемерие на пример, да ме тераш да гласам а потоа да немам право на глас?

Го споменувате ФБ. Таа одлука за негово некористење е стонирана веднаш откако се отворија дебатите и откако се објасни неговото функционирање. Сега скоро да немаме црква или парохија која не користи ФБ профил.

ПРЕС24:  Мислите ли дека МПЦ добро ја врши општествената функција што ја има? И воопшто дали верските заедници соодветно и одговорно се носат со општество какво што е македонското?

ОТЕЦ ПИМЕН: Нашата општествена функција е да го водиме народот Божји кон спасение. Водејќи го народот по тој пат, се обидуваме да го направиме поморален, похумам. А преку тоа и цело општество. Еден ден кога ќе застанеме пред Христа на Последниот Суд, според бројот на спасени луѓе од нашето време ќе го знаеме вистинскиот одговор. До тогаш само ќе веруваме и ќе се надеваме дека соодветно и одговорно се носиме со предизвиците на овие времиња и ова наше македонско општество.

ПРЕС24:  Колку се далеку, а колку блиску една од друга верските заедници во Македонија? 

ОТЕЦ ПИМЕН: Бидејќи не сум баш многу редовен во Македонија и со самото тоа и на редовните седници на Синод, не би знаел колку официјално сме блиски верските заедници во Македонија. Од друга страна во текот на месец мај имавме официјална посета од страна на Шведско христијанскиот совет (пандан на нашата Комисија за односи со верските заедници). Беа наши гости на МПЦ. Како домаќини, нашиот поглавар г. г. Стефан, најпрвин организираше заеднички ручек со представници на сите верски заедници што остави многу позитивен впечаток кај гостите дека имаме официјална соработка на завидно ниво. Но сепак за нив побитно беше она што го видоа кога ја посетивме Старата чаршија и кога го видоа непосредниот контакт и соживот едни со други.

ПРЕС24: Зошто верските заедниц во Македонија речиси и да некомуницираат меѓусебе. Не мислите ли дека тоа е една од општествените одговорности на верските заедници?

ОТЕЦ ПИМЕН: Неофицијалните контакти никогаш не престануваат, никогаш не ја губат љубовта, никогаш не го губат пријателството, човечноста. Во случаи на кризи додека стигнат официјалните ставови, ние веќе меѓусебно сме се чуле и сме ја споделиле загриженоста и размислувањата што е најпотребно и најпаметно да направиме во тој момент. Ме радува токму тоа што човечките контакти се поживи и побрзи од трулите и вавни административни контакти.

ПРЕС24:  Што е значајно за една верска заедница, да произведен добри верници, или добри теолози?

ОТЕЦ ПИМЕН: Теологијата без вера и добри дела би била само теофилозофија, додека пак верата без барем основно познавање на теологијата може да биде идолопоклонство. Така најзначајно за една верска заедница да произведе теолошки потковани верници кои во основа треба да знаат дека верата не значи фанатизам туку разбирање и љубење на ближниот. 

ПРЕС24:  На крајот сме од една календарска година, во Синодот вообичаено пред крајот се сумираат резултатаите. Годината ќе заврши веројатно со истите, а некаде и продлабочени проблеми за МПЦ. Какви се Вашите оценки?

ОТЕЦ ПИМЕН: Последната седница е закажана за 24.12. На таа седница ќе сумираме резултати и ќе пребројуваме сразмер на донесени и спроведени одлуки. Би го оставил одговорот на ова прашање за после седница.

ПРЕС24:  Прашањето во Австралија е тема од која некако како да се дистанцираат сите владици. Но, најновиот момент таму покажува дека овој молк на Владиците може лесно да му ја симне монашката мантија на Отец Гаврил. Ќе дозволите да заврши како колатерална штета на нечии суетни?

ОТЕЦ ПИМЕН: Погледнето од друга перспектива дека можеби површинскиот молк на владиците е токму внатрешната борба да биде заштитен нашиот брат отец Гаврил.

ПРЕС24:  Има некој абер од Белград? Официјално нема разговори, неофицијално ?

 

ОТЕЦ ПИМЕН: За жал се уште немаме официјален одговор за продолжување на преговорите.

 
 
18.12.2015 - 13:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа