Во Прилеп за „Свети Никола“ се прават 70 илјади посни сарми

Прилеп ги почна подготовките за прославата на патрониот празник на градот „Свети Никола“.  Денеска во просториите на тутунскиот комбинат кој е годинашен домаќин на 10-тата организирана прослава во центарот на градот, прилепчанки почнаа да ги виткаат надалеку познатите светиниколски мали посни сарми.

Шеесетина членки на прилепските здруженија  треба да направат околу 70 000 мали посни сарми.

– Овде во просториите на мензата на Тутунскиот комбинат атмосферата е прекрасна. Пред да почнеме да ги правиме светиниколските сарми ја кажавме молитвата, што е наша традиција. Весело е, песна се пее. 6 -ина жени ги виткаат сармите. Годинава ги вклучивме и младите девојки да ни помогнат, да им ја пренесеме традицијата, вели Лилјана Ѓорѓиоска од здружението на жени „Преродба“.

Годинашниов домаќин на прославата на патронот на Прилеп, Тутунскиот комбинат е подготвен и се погрижи за трпезата што в сабота на „Свети Никола“ ќе биде поставена на булеварот „Гоце Делчев“.

– Ги поканувам сите граѓани да учествуваат на прославата. планираме да бидат направени околу 70 000 посни сарми. обезбедени се по 300 килограми грав, риба, по 1000 литри вино, ракија, пијалаци. чест е да се биде домаќин на ваква прослава на градот, но и одговорност, вели директорот на комбинатот Александар Дерменџиев.

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески нагласува дека прославата на патронот на градот не само што стана традиција, туку и туристичка атракција.

– Не случајно е „Свети Никола“ патрон на градот. За половина прилепчани е и куќна слава. Токму со светиниколските посни сарми Прилеп влезе и во Гинисовата книга на рекорди што оваа прослава ја прави и туристички атрактивна, вели Ристески.

Во рамки на прославата во Центарот за култура „Марко Цепенков“ утре ќе има изложби на ликовните уметници и поставка од Музејот за тутун. Централната прослава на патронот „Свети Никола“ е в сабота во центарот на градот каде ќе биде и поставена посната трпеза.

 

 
 
17.12.2015 - 15:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа