Туристичкиот комплекс во Љубаништа ќе почне да се гради идната пролет

Во Охрид денеска се одржува работен состанок на менаџерите на индиската компанија „Сахара Индија Паривар“, предводени од сопственикот Субрата Рој, со голема владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Според информациите од средбата што е во тек, предвидено е првите инвестиции на индиската компанија да бидат насоечни кон Агро-комбинатот „Џумајлија“ од Лозово кај Свети Николе. Во Лозово во прво време е планирано да се произведуваат млечни производи, и тоа најмногу за извоз во држави од Средниот Исток и Јужна Африка. 

Рој соопшти дека доколку пројават интерес, македонските сточари ќе можат да добијат конкретни совети и знаења за подобрување на националното производство на млеко и млечни роизводи, современи технологии преку кои би ја зголемиле конкурентноста на пазарот.

Индискиот милијардер истакна дека во Македонија досега неговата компанија има инвестирано околу десет милиони евра, од кои дел за хотелот „Ино Спектар“, дел во земјиште, со најава дека според нивните планови компанијата е подготвена својот бизнис во Македонија да го прошири со инвестиции чија вредност би достигнала милијарда евра.

За големиот проект за Свети Наум, беше најавено дека првите градежни активности ќе стартуваат некаде во март, април идната година, но секако дека тоа е обемен проект што бара доста време и логистика за негова финализација. Тој планира да донесе и физички работници кои би работеле заедно со македонските во проектот, оттаму што според неговите анализи, државата нема доволно работна сила за финализирање на еден таков грандиозен проект каков што е „Сахарјан Македонија“, но и експерти од Индија кои би го обучувале локалнито кадар за областите што се од потреба, како учење на англискиот јазик, угостителство, гастрономија, и сите пропратни активности што се предвидени со проектот.

Во врска со дополнителените 17 хектари што Рој ги побара за комплексот во Љубаништа, тој појасни дека таа површина е потербна за изградба на сместувачки капацитети за персоналот што ќе го опслужува туристичкиот резорт, како и за сместување на луѓето што планира да ги донесе да бидат ангажирани за реализација на проектот.

Уште еднаш Рој напомна дека проблемот со тврдењата за задолженоста на неговата компанија и нејзината финансиската кондиција е измислен, како и оти тоа нема никаква врска со планираните инвестиции во Македонија. За „Сахара Индија Паривар“ тој самиот рече дека тежи некаде околу 22 милијарди евра, но опи тој капитал е на компанијата, која брои околу милион вработени.

На средбата во Охрид покрај Ставрески се и министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски, за транспорт и врски Миле Јанакиески, Виктор Мизо од Агенциата за привлекување странски инвестиции, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и претставници на национални и научни институции од Охрид, како и 30 менаџери на индиската компанија „Сахара Индија Паривар“.

ФОТО: Ерепортер 

најчитано сега