Самарас на есен сериозно ќе се ангажира за спорот со името

Официјална Атина планира на есен поактивно да се занимава со прашањето за името на Македонија, изјавиле дипломатски извори за грчките медиуми, пренесува МИА.

Грчкиот премиер Андонис Самарас на 8. август во Вашингтон ќе се сретне со американскиот претседател Барак Обама. Според најавите, Обама и Самарас на средбата ќе разговараат и за текот на преговорите за решавање на прашањето за името кои се водат со посредство на Метју Нимиц.

Весникот „То Вима“, повикувајќи се на релевантни извори, пишува дека средбата Самарас- Обама „ќе се одржи неколку недели пред отворањето на сериозните национални прашања во врска со Кипар и името на Скопје“.

Провладиниот „Катимерини“ во текстот за средбата на грчкиот премиер со американскиот претседател потсетува дека „Вашингтон е подготвен да се активира за решавање на кипарскиот проблем и прашањето за името“ на Македонија, додека Атина „и покрај своите објективни тешкотии предизвикани од економската ситуација,  е подготвена да игра улога на Блискиот исток користејќи го новиот однос со Израел и нејзините традиционални врски со арапскиот свет“.

најчитано сега