Проверете дали имате пасош пред да тргнете на пат - еве колку Македонци останале без документи

ЈП Службен весник на РМ им препорачува на граѓаните, пред да тргнат на пат, да проверат дали ги имаат патните исправи.

Бројките покажуваат дека, дали случајно, дали од небрежност или поради лоша среќа, граѓаните често остануваат без своите документи. Само за првите 6 месеци од оваа година во службеното гласило „Службен весник на Република Македонија“ пристигнале вкупно 29226 барања за објави на повеќе огласи како што се изгубени лични карти, свидетелства, разни дипломи, возачки и сообраќајни дозволи и други побарани објави.

 

Пасош изгубиле и побарале објава за неважечка патна исправа 1140 лица. Оваа бројка за првата половина од годинава е речиси идентична со минатото полугодие, бидејќи за цела 2012 година пристигнале 2401 барање за објави на неважечки пасош. Највисоката бројка секоја година ја држат објавите за изгубени лични карти. Во текот на минатата година објави за неважечки документ побарале 21182 лица, а годинава до 30 јуни, во службеното гласило се објавени9159 огласи за неважечка лична карта.

-ЈП Службен весник на РМ сака да ги потсети и да ги информира граѓаните дека веќе не мора да доаѓаат на шалтерите за објава туку дека тоа можат да го направат и по електронски пат. Потребни се само неколку клика на нашата веб-страница www.slvesnik.com.mk,па клик на банерот - уплата за објава на неважечки документ преку интернет или директно преку линкот на http://euslugi.slvesnik.com.mk/Announ cements.aspx, стои во соопштението од ЈП Службен весник.

На истиот линк, за неважечки, може да се објават и возачка и сообраќајна дозвола, бидејќи уште  пред 2 години  ЈП Службен весник на РМ преку  Проектот – Интеграција со надворешните системи овозможи електронска размена со Министерството за внатрешни работи во делот на објавите за неважечки документи, авоведе и електронска наплата со користење на сите платежни картички кои имаат поддршка во Република Македонија. Ова е алатка која треба да се знае, бидејќи годинава, за шест месеци, 1513 лица останале без својата сообраќајна дозвала, а дури 2519 без возачка дозвола. Минатата година, тоа им се случило на речиси 10000 граѓани,  од кои 6983 останале без возачка, а 2769 без сообраќајна дозвола.

Сите оние, кои немаат можност по електронски пат да го надминат проблемот со објавата за неважечкиот документ, можат да одат на шалтерите на ЈП Службен весник на РМ или во Трговскиот центар Буњаковец или на шалтерот отворен во Младинскиот културен центар, веднаш до зградите на МВР и МРТВ во Скопје или во која било подрачна единица на МВР на РМ, каде што на шалтерите ќе можат да ги подигнат веќе подготвените уплатници, соодветни за документот кој треба да го објават, да ги внесат потребните податоци и да ја уплатат цената за соодветниот оглас во која билобанка.

 -ЈП Службен весник на РМ уште еднаш сака да ги имформира граѓаните дека за секоја уплата за објава на кој било од овие четири документи, што ги издава МВР на РМ, потребно е да се знае бројот на изгубениот документ, а барањето, односно уплатницата да бидe уредно и целосно пополнета, стои во соопштението од претпријатието.

 

 ФОТО: МТВ