40 дена возбуда во Охрид - вечерва почнува 53-то „Охридско лето“

Повеќе од 840 уметници од Русија, Словенија, Германија, Италија, Турција, Бразил, Полска, Хрватска, Литванија, Унгарија, Канада, Албанија, Шведска, САД, Украина, Ерменија, Франција, Велика Британија, Кина, Аргентина, Србија, од кои голем дел првпат доаѓаат во Македонија, ќе ја одбележат богатата програма на годинешното 53-то по ред издание на Фестивалот „Охридско лето“.

Свеченото отворање на фестивалот, кое секогаш претставува уникатен настан што се памети, годинава резервирано за настапот на светски познатиот баритон, оперската ѕвезда од Русија Дмитри Хворостовски. Маестро Хворостовски, за чиј глас светската критика вели дека „мириса на луксуз“, вечерва ќе го разгори фестивалскиот оган од Античкиот театар, заедно со Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет, под диригентска палка на Константин Орбелиан.

Фестивалот за отворен ќе го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, кој е и покровител на манифестацијата.

Во рамки на нашата најголема-музичко сценска манифестација, од вечерва се до 20 август Охрид ќе живее со уметноста, од вечерва ќе блеснат сцените на Атичкиот театар „Св. Софија“, нејзиното предворје, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и предворјата на хотелот „Палас“ и на ОУ „Климент Охридски“. Тоа ќе се местата каде ќе се случуваат извонредно атрактивни културни настани, во кои можност да уживаат ќе имаат сите вљубеници во уметноста, на она што претставува врв во уметноста во светски рамки.

Дел од возбудата што го носи фестивалот оваа година ќе бидат настапите на пијано дуото Корољеви, светски познатиот виолончелист Антонио Менезес, неповторливото виолинистичко име Немања Радуловиќ... Големите светски уметници веќе редовно се дел на „Охридско лето, со што само се потврдува високото реноме на манифестацијата, нејзиниот углед што го ужива во Светската фестивалска асоцијација, а Охрид го поместува меѓу дел од елитната светската уметничка сцена.

Посебен шлагворт на годинешното „Охридско лето“ ќе биде настапот на светската атракција, гудачкиот квартет „Бонд“ со целовечерниот гала-концерт што ќе се одржи на сцената на Античкиот театар на 27 јули. Кога станува збор за театарскиот дел од програмата на фестивалот, таа ќе биде исклучително богата, со 11 театарски претстави, од кои речиси половината премиерни изведби.

Претставите „Мизантроп“ од Молиер во изведба на Турскиот театар од Скопје, „Спортска претстава“ според текст на нобеловката Елфрида Јелинек во изведба на „Џаст а маст“ театарот од Лондон, како и „Браќа Карамазови“ на Достоевски во изведба на Дубровачкиот театар „Марин Држиќ“, се само дел од годинешната театарска понуда, за сите вкусови и генерации, сето вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид.

најчитано сега