Обама и Самарас ќе разговараат за името на Македонија

Грчкиот премиер Андонис Самарас и американскиот претседател Барак Обама ќе разговараат и за грчко-македонските преговори за решавање на прашањето за името на Македонија, пишува МИА, повикувајќи се на свои дипломатски извори.

По неколку неуспешни обиди, Самарас успеа да договори средба со Обама која ќе се одржи на 8 август во Белата куќа. Според Белата куќа, двајцата функционери ќе разговараат за соработката во одбраната меѓу двете земји, Партнерството за трансатлантска трговија и инвестиции, регионалната соработка, заедничките напори во борбата против тероризмот, можностите за решавање на кипарското прашање, и за развојот на настаните во Северна Африка, и Сирија.

Грчки дипломатски извори тврдат дека на средбата сигурно ќе стане збор и за текот на преговорите што се водат со посредство на Метју Нимиц за решавање на прашањето за името на Македонија. Не случајно и провладиниот весник „Катимерини“ во текстот за средбата Самарас-Обама потсетува дека „Вашингтон е подготвен да се активира за решавање на кипарскиот проблем и прашањето за името“ на Македонија, додека Атина „и покрај своите објективни тешкотии предизвикани од економската ситуација, е подготвена да игра улога на Блискиот исток користејќи го новиот однос со Израел и нејзините традиционални врски со арапскиот свет“.