„Од норма до пракса“ - Хендикепираните лица бараат еднаквост и недискриминација

„Од норма до пракса“ е насловот на проектот поддржан од Европската Унија преку Прогрес програмата, кој го спроведуваат Полио Плус, МТСП, МЦМС и Комисијата за заштита од дискриминација.

Полио Плус, со симболичен знак извичник и натпис „Внимание еднаквост“ истакнува дека проектот има за цел да придонесе во промоцијата на еднаквоста и недискриминацијата преку покривање на свеста на сите општествени чинители.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, исто така изрази силна поддршка за проектот.

-Со проектот „Од норма до пракса“ МТСП продолжува со политиката за промовирање на концептот на недискриминација. Планирано е организирање на трибини, обуки, работилници и дебати, како и отворање на бесплатна линија каде граѓаните ќе може да пријават дискриминација, рече Спасов.

Ова е трет пат во пет години Македонија да добие проект во Прогрес програмата за вработување и социјална солидарност на ЕУ.

Проектот има за цел да поттикне подобро спроведување на македонското законодавство за спречување и заштита од дискриминација, развој на национална политика во борба против дискриминација и дисеминација на информации за политиките и законодавството во полето на антидискриминацијата.

Буџетот на проектот изнесува 269.000 евра. 217.000 евра се поддршка од ЕК, додека останатите се од МТСП, МЦМС и Полио Плус.

Програмскиот раководител на „Полио Плус“, Елена Кочовска денеска порача дека човековите права, еднаквоста, недискриминацијата не се зборови на хартија, туку, како што рече, тие се одговорност која сите ја делиме пред самите себеси, кон своите семејства, кон своите пријатели, па дури кон својата држава.
 
Душко Миновски, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација, истакна дека времето во оваа ера на цивилизациски и технолошки напредок итн., не дозволува кој било граѓанин, поединец, група граѓани да се наоѓаат во нееднаква положба.
 
-Сето ова треба да профункционира. Имаме систем, имаме закон, но знаеме дека тешко оди со голем дел од имплементацијата на законите. Комисијата е ставена во фокусот да се подобрат нејзините капацитети, можностите и начините како да допреме до сите останати механизми, до граѓаните, да знаат дека имаат простор каде да се јават и дека ќе ја добијат потребната заштита, истакна Миновски.

Македонската Влада ја донесе Националната стратегија за еднаквоста и недискриминацијата, со цел да се подобри статусот на најранливите категории на граѓани во општеството.

најчитано сега