Тенок: Македонија е подготвена да ги почне преговорите за ЕУ

 

Британскиот пратеник во Европскиот парламент од Групата на конзервативци и реформисти, Чарлс Тенок ја поздрави позитивната оценка во Специјaлниот извештај на ЕK за Македониј, пренесе МИА.

- Врз основа на сето ова, јас ги повикувам земјите-членки да се дојде до договор за отворање на пристапните преговори, бидејќи тоа нема да биде само од корист за самата земја, туку и за регионот Западен Балкан и Европската унија како целина. Македонија е одлично подготвена за старт на преговорите и јас сметам дека со истите може да се создаде нов моментум за да се зајакнат напорите за реформи, за подобрување на владеењето на правото и да се забрза процесот на демократизација што е од клучно значење во стабилизирањето на земјата и обезбедување на просперитет за сите граѓани, вели британскиот европарламентарец во изјава за МИА.

На 8-ми овој месец, Комитетот за надворешни работи на Европарламентот, според него, даде силен сигнал за поддршка на вашата земја со изгласувањето на предлог-резолуцијата за напредокот на земјата кон членството во ЕУ со големо мнозинство.

-Верувам дека идниот месец, на пленарна седница во Стразбур, моите колеги-пратеници ќе ја поддржат желбата на земјата за интеграција со изгласување на Резолуцијата, вели Тенок.

-Јас сум убеден дека преговорите за членство ќе ги зајакнат понатамошните напори за решавање на недостатоците на процесот на пристапување и Македонија има шанса да ја искористи оваа историска можност за да направи важен чекор во тој процес. Нејзината иднина лежи во Европската унија и НАТО и јас ја потврдувам мојата поддршка на патот на Македонија кон членството, дециден е Тенок.

Со оглед на тоа што пред десетина дена комесарот за проширување Штефан Филе го прочита Специјалниот извештај со позитивни оценки на ЕК за нашата земја, сега се очекува Советот на јунскиот Самит да ги исполни своите ветувања и да одреди датум за преговори за Македонија. 

најчитано сега