Внимание: Лицата со хендикеп бараат еднаквост
„Од норма до пракса“ е насловен проектот поддржан од Европската Унија преку Прогрес програмата, кој го спроведуваат Полио Плус, МТСП, МЦМС и Комисијата за заштита од дискриминација.
Со симболичен знак извичник и натпис „Внимание еднаквост“ Полио Плус истакнува дека целта на овој проект е придонес во промоцијата на еднаквоста и недискриминацијата преку покривање на свеста на сите општествени чинители.
Силна поддршка за проектот денес истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
-Со проектот „Од норма до пракса“ МТСП продолжува со политиката за промовирање на концептот на недискриминација. Планирано е организирање на трибини, обуки, работилници и дебати, како и отворање на бесплатна линија каде граѓаните ќе може да пријават дискриминација, истакна Спасов.
Ова е трет пат во пет години Македонија да добие проект во Прогрес програмата за вработување и социјална солидарност на ЕУ.
Основните цели на проектот се подобро спроведување на македонското законодавство за спречување и заштита од дискриминација, развој на национална политика во борба против дискриминација и дисеминација на информации за политиките и законодавството во полето на антидискриминацијата.
Буџетот на проектот изнесува 269.000 евра, од кои 217.000 евра се поддршка од ЕК. Останатите се од МТСП, МЦМС и Полио Плус.