Претседателот Иванов на средба со банкарите

Претседателот Ѓорге Иванов денеска имаше средба со гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов и со раководните структури на банкарскиот сектор во Републиката.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, биле разменети мислења и информации околу актуелните случувања во економијата, претприемништвото и банкарскиот сектор. Соговорниците размениле мислења и околу импликациите на светската економска криза врз стабилноста на банкарскиот систем, како и за влијанието на внатре - политичката состојба, бегалската и мигрантската криза врз севкупната економска политика во Република Македонија.

Посочувајќи ја улогата и значењето на банкарскиот систем за економскиот раст на земјата, претседателот Иванов истакнал дека единствено стабилниот финансиски систем може да доведе до јакнење на довербата на економските субјекти. Во таа насока, македонскиот претседател ги поздравил мерките преземени од Народната банка, како и севкупната банкарска регулативна мерка, која придонесе банките успешно да се справат со ризиците во периодот на кризата.

Раководните структури на банките го информирале претседателот Иванов за нивните активности, за можностите за натамошно олеснување на пристапот до кредити, како и за постигнатите резултати и придонесот во конкурентноста на македонската економија.

Покрај условите за кредитирање, македонскиот претседател им порачал на претставниците на банкарскиот сектор дека не смеат да го запостават и штедењето на населението како значаен извор на финансирање на банките. Претседателот Иванов посочил дека банкарскиот сектор мора да изнајде начин за натамошна поддршка на стопанството, особено на иновативните идеи и „старт ап“ бизниси на младите претприемачи.

Претставниците на банкарскиот систем изразиле задоволство од средбата со претседателот Иванов, како и од континуираната поддршка на македонскиот претседател на бизнис заедницата во Република Македонија, а со цел унапредување на севкупната економска состојба во земјата.

Соговорниците ја поздравиле економската дипломатија на претседателот Иванов во рамки на неговите посети на странски држави, а со цел афирмација на економските поволности во Република Македонија и привлекување странски инвестиции, како и редовните средби на македонскиот претседател со претставници на стопанските комори и бизнис заедниците, со цел поттикнување на домашните економски и инвестициски потенцијали.

 
 
26.11.2015 - 16:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега