Инспиративен говор на професорка од Белград кој стана хит на Интернет - ова треба да го прочита секој студент!
Рајна Драгичевиќ, професорка на Филолошкиот факултет во Белград наместо како секој професор да им честита на своите апсолвенти, одржала говор кој ќе го паметат целиот живот. Овој инспиративен говор мора да го прочитате! Тој е доказ дека сеуште постојат скромни и хумани луѓе посветени на својата професија.
Драги мои студенти, почитувани колеги, идни професори,
На денот кога ја прославуваме вашата апсолвентска вечер е одложен матурскиот испит за полуматурантите, бидејќи тестовите што требаше да ги пополнуваат се појавија во јавноста. Ова е само една од низата начини да се манифестира загрозеноста на нашиот образовен систем, но и на образовниот систем во сите области.
Доаѓајќи на вашата свечена вечер и гледајќи ве толку дотерани, насмеани, млади и полни со позитивна енергија, размислував за тоа дали ќе успеете да го задржите тој оптимизам и кога ќе дипломирате и кога ќе се соочите со ниските плати, со недоволното вреднување на професорската професија, со многу незаинтересирани ученици, со родители што секогаш ќе застанат на страната на своето дете (дури и ако тоа оди на нивна штета), со разни притисоци и омаловажувања.
Многу од тоа што се случува и што ќе се случува околу вас ќе ја убие вашата мотивација. Сепак, ако ме прашате мене, на листата на врвни професии се наоѓаат следниве: професор, лекар, адвокат, судија, инженер и уште еднаш — професор. Доколку ги прашате сите родители на овој свет да ви кажат со што сакаат да се занимаваат нивните деца, ќе го добиете истиот одговор.
Разните неписмени и полуписмени луѓе денес лесно може да се нарекуваат себеси некакви пи-арови или менаџери, необразованите водителки се нарекуваат себеси новинари, а фолк-пејачките — уметници. Да не ни зборувам за арт-директорите, бизнис консултантите, бек-офис администраторите, велнес консултантите, ивент координаторите, копи-рајт операторите, маркетинг консултантите, офис-асистентите, портфолио-менаџерите и за продукт дизајнерите.
Зад овие звучни имиња најчесто се кријат фолиранти што мислат дека угледот може да се стекне преку ноќ, оние што никогаш немале упорност да го завршат факултетот што го започнале, оние што ја менуваат професијата како валкани чорапи. Немојте никогаш да заборавите дека никој не може да се самопрогласи за лекар, за судија или за професор.
Бидете горди на својата професија, која може да се стекне само со упорна и вредна работа, одрекувања, ненаспаност и со повеќегодишно самосовладување и самоодрекување. Немојте да дозволите самовљубените и самоуверени сопственици на разноразни ресторани, фирми, приватни авиони и луксузни станови да ви држат лекции за успех, бидејќи ВИЕ СТЕ ПРОФЕСОРИ, а тие само сопственици на квадратни метри!
Сакаат да се омаловажи професијата професор. Имајте наум дека вие сте чувари на достоинството на својата професија. Звањето професор се стекнува со многу труд, но уште повеќе труд и мака треба да вложите во знаење како да ја носите таа вредна титула. Водете сметка за начинот на кој се однесувате и кога не сте во училиштето, на своето работно место, размислувајте постојано за својот изглед, држење, однос кон колегите, кон учениците и кон нивните родители.
Ако себе самите се омаловажувате, тогаш и околината ќе почне да ве гледа со омаловажување. Бидете горди, самоуверени, бидете подготвени да учите и доживотно да се усовршувате, бидејќи ВИЕ СТЕ ПРОФЕСОРИ!
Сакајте ги своите ученици. Запознајте ги со возвишеното што го носат во себе, а за кое често не се ни свесни. Извлечете го најдоброто од нив. Подигнете им го мислењето што го имаат самите за себе. По ниедна цена не подарувајте им оценки, но постојано повторувајте им дека имаат можност со труд и со знаење да си ги поправат оценките. Препознајте го и почитувајте го нивниот труд. Покажете им дека може да бидат успешни ако работат. Не убивајте им ја волјата.
Професорскиот авторитет не се стекнува со претерана строгост и со самоволност, туку со праведност и со недвосмислен договор кон кој двете страни треба да се придржуваат. Поддржувајте ги најдобрите бидејќи така ќе ги инспирирате и другите да се потрудат да станат најдобри. Дајте им шанса и на другите да почувствуваат како е да се биде најдобар.
Немојте да бидете другари со своите ученици и да се обидувате на тој начин да им се приближите. Вие треба да поставувате правила во училницата, да одредувате граници, да ги држите конците во рацете, оти тие се ученици, а ВИЕ СТЕ ПРОФЕСОРИ!
Не заборавајте дека ќе предавате главен предмет, прв во графите од дневникот и дека со своите ученици ќе поминувате повеќе време од другите професори. Вашето влијание врз учениците ќе биде најважно и најинтензивно. Бидете свесни за таа одговорност. Како професори по српски јазик, вие сте чувари на нашиот јазик и култура.
Учете ги учениците да ја сакаат својата земја. Често може да се слушне како професорите ги советуваат своите најдобри ученици што побрзо да заминат од тука. Почна дури и да се подразбира дека одличниот успех во училиште е сигурна пропусница за заминување од Србија. Ајде да ја свртиме перспективата! Укажувајте им на најдобрите ученици дека треба да останат во Србија и, како најдобри, да помогнат да закрепне и да стане подобро место за живеење! Не дозволувајте да одат и да им ја препуштат земјата на криминалците.
Како животна задача, зацртајте им да се борат против живиот песок во кој тонеме. Всадете им чувство за општествена одговорност и објаснете им дека оваа земја не може да ја исчисти никој освен нив. Доколку се потрудите, ќе видите дека ќе ве послушаат, бидејќи ВИЕ СТЕ ПРОФЕСОРИ!
Бидете уверени дека семето на сите економски, политички, културни и морални реформи во оваа земја може да изникне само во семејството, но и во вашата училница, и тоа токму на часовите по српски јазик и книжевност! Токму затоа, трудете се да бидете пример за своите ученици.
Објавете им војна на сите старлети, спонзоруши, пејачки, манекенки, тајкуни, бизнисмени и победете ги! Вие мора да им станете компас, светилник во животот! За таа војна имате 45 минути дневно речиси секој работен ден, а тоа не е малку. Ќе победите така што ќе дадете сè од себе содржината што треба да ја претставите, да им ја направите интересна, возбудлива и свежа. Ќе успеете во тоа само ако имате многу знаење, ако го сакате тоа што го работите и ако сте целосно посветени.
Учениците тоа може да го препознаат и тоа непогрешно. Не обрнувајте внимание на фактот дека некои ваши колеги воопшто не се подготвуваат за часовите, дека многумина не работат воопшто, а дека сепак земаат плата, не обрнувајте внимание на гнилежот околу себе и не предавајте му се! Вашиот час нека биде оаза на знаењето во големата пустина, светла точка во мракот, зрно смисла во бесмисленоста.
Вие имате мисија: доколку успеете да ги повратите авторитетот на училиштето и знаењето (а тоа не може да се постигне со нуиту еден закон туку единствено може да се постигне со ентузијазмот на професорите), ќе паднат како домино сите препреки кон подобар живот во Србија. Од час по српски јазик до економски реформи! Од час по српски јазик до борба против корупција! Од час по српски јазик и книжевност до вселената!
Вашата моќ е огромна и вашата задача е од стратешко значење. Во тоа е разликата меѓу вас и разноразните менаџери, консултанти, координатори, администратори, оператори, богати сопственици на локали и други експерти за продавање магла. Во нивните раце се проектите, локалите, авионите и камионите, а во вашите раце е иднината на оваа земја. Никогаш немојте да заборавите: ВИЕ СТЕ ПРОФЕСОРИ!
Извор: Факултети.мк