Што направи Митевски во Петровец за 100 дена?

На почеток сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани кои по втор пат ми ја дадоа  довербата да бидам градоначалник на Општина Петровец.

Пред мене како градоначалник на Општина Петровец е новиот четиригодишен мандат, а позади мене се првите 100 дена од истиот.

Изминатиов период работевме посветено на решавање на сите проблеми и барања на граѓаните од општина Петровец и денес од оваа дистанца гледано со задоволство можам да истакнам дека покрај сите проблеми успеавме во нашата општина за прв пат да поставиме нови стандарди на локално раководење.

Поминаа првите 100 дена од новиот мандат и ние продолживме таму каде што застанавме во нашата работа општина Петровец да ја унапредиме и развиеме во една модерна и просперитетна општина.

И овој отчет претставува само една нормална комуникација помеѓу мене и моите сограѓани, бидејќи ние како Општина сакајќи да бидеме отчетни и транспарентни и во минатиот период на секои 3 месеци издававме бесплатното гласило на нашата општина, Општинскиот информатор, преку кој ги запознававме нашите сограѓани за сработеното.

Во изминатите 100 дена, општина Петровец реализираше повеќе проекти во повеќе населени места:

Изградивме и поплочивме со бекатон плочки 4 улици во населеното место Петровец во вкупна должина 500 метри, 1 улица во Рчаничино во должина од 270 метри ,  во Средно Коњари 2 улици во вкупна должина од 400 метри, во  Горно Коњари 1 улица во должина од 480 метри.

Во дворот на општината изградивме и пуштивме во употреба ново фудбалско игралиште со вештачка трева. Вредноста на оваа инвестиција е 50 000 евра.

Во непосредна близина изградивме и игралиште за кошарка, така што целиот овој комплекс заедно со детското игралиште и новоизградениот плоштад претставува една заокружена целина за спорт и рекреација.

Во Катланово изградивме и  пуштивме во употреба детски забавен парк.

Во Петровец во завршна фаза е изградбата на првата фаза од одводната фекална канализација.

Во Мултифункционалната зона Ќојлија работиме на поставување на инфраструктурата.

Спортската сала интензивно се гради, а на есен ќе поставиме камен темелник на новата училишна зграда врз основа на добиениот кредит од Светската банка во износ од 1.200.000 евра

Во најскоро време ќе се започнеме со  изградбата на делот од патот Петровец- Огњанци во должина од 1060 метри, а во Средно Коњари  ќе започнеме со изградба  на водоводната мрежа.

Отпочнавме со реализација на проектот за издавање на имотни листови во општината.

Паралелно со ова, работевме на донесувањето на Урбанистичките планови за Долно Коњари со површина од 28 хектари за лесна и незагадувачка индустрија и домување.

Изработивме Урбанистички план  за Ржаничино, Блок 6, со површина од 35 хектари од кои 150 парцели за индивидуална домување и 24 парцели лесна незагадувачка индустрија.

Реализацијата на овие планови, заедно со формирањето на новата  индустриска зона од 100 хектари покрај патот Р-103 Ржаничино- Катланово само ќе значат продолжение на инвестицискиот циклус во нашата општина.

Цврсто верувам дека со овој нов начин на работа ќе успеме да постигнеме видливи резултати, резултати кои се мерливи и од кои придобивки ке имаат сите наши сограѓани во нивното секојдневно живеење, резултати кои ќе имаат влијание не само  врз сегашноста, туку и врз иднината на нашата општина..

 

 (Интегрален текст од прес-конференција на градоначалникот на Петровец, Борче Митевски)

ФОТО: А1Он

најчитано сега