Големиот нарко-бос Даниел Барера екстрадиран во САД

Колумбија го екстрадира последниот голем нарко-бос Даниел Барера на САД, каде за неговото апсење беше распишана награда од пет милиони долари.

43-годишниот Барера инаку познат како „Лудиот“, беше уапсен минатата година во Венецуела и префрлен во Колумбија. Вчера тој беше предаден на американската агенција за борба со наркотиците, по што со авион е пренесен од Богота во Њујорк.

- Ова е крајот на последниот голем нарко-бос од 80-тите години, изјави директорот на колумбиската полиција генерал Хосе Роберто Леон, на прес-конференција во воздухопловната база на полицијата за борба против шверцот со наркотици.

 Вкупното количество кокаин, пренесено од неговата мрежа во САД и Европа се проценува на над 900 тони во периодот од 1992-2012 година.