Неновски: Извештаите на меѓународните институции влеваат оптимизам за македонската економија

 

Извештаите на релевантни домашни и меѓународни институции влеваат оптимизам за иднината на македонската економија, а смирувањето на политичката ситуација во земјата ќе има позитивно влијание врз нејзиниот развој, оценува економскиот експерт Томе Неновски. 

Според него, најновиот извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка на кој Македонија е рангирана на 12. место во конкуренција на 189 држави од светот, претставува поттик за домашните и за странските инвеститори за да го зголемат своето производство за што потврда се најновите статистички податоци за порастот на индустриското производство во август и во септември.

Ова, смета Неновски, веројатно ќе доведе годината да се заокружи со пораст на БДП од околу 3,2 до 3,3 проценти.

-  Тоа, пак, од друга страна е на некој начин добра позитивна основа за остварување на она што деновиве или вчера го чувме од релевантни европски институции – Европската банка за обнова и развој и Европската комисија како прогноза за прогнозираниот раст на македонската економија во 2016 и 2017 година по околу 3,5 проценти. Тоа е процент кој што не води некаде меѓу првите три земји според планираната стапка за пораст во следните две години, по онаа на Ирска и на Романија, што секако ќе се должи на одредени активности кои се сега преземени или ќе очекуваме да се преземаат, а коишто првенствено се насочени кон натамошно засилување на инвестициите во јавната инфраструктура, засилената домашна потрошувачка и извозот којшто ни доаѓа од странските инвестиции, односно од слободните индустриски зони, рече Неновски.

Тој додава дека сепак ваквиот пораст не е ослободен од можните ризици на коишто економијата ќе биде изложена и во претстојниот период. - Не знаеме каква ќе биде реперкусијата на опаѓачкото или стагнантното движење на економијата во Кина, зголемувачките каматни стапки во Америка, што може да има сериозно влијание врз целината на европската економија со која сме поврзани. Исто така, не знаеме како ќе се одвиваат натамошните политички случувања околу миграциската криза во Европа. Од друга страна, пак, треба да знаеме дека имаме и одредени позитивни сигнали од ЕУ коишто доаѓаат од позитивните ефекти на т.н. квантитативно олеснување што го спроведува Европската централна банка, а треба во голема мера да ги искористиме и благодетите кои сега ни ги даваат како што се ниските цени на енергенсите, а пред се на нафтата, смета Неновски.

Тој додава дека надминувањето на политичката криза во земјава ќе има позитивно влијание врз економијата и влева оптимизам кај бизнисмените. 

- Сигурно дека смирувањето на политичката состојба во земјата ќе има позитивно влијание затоа што наназад имавме одредени периоди, посебно во пролетните месеци кога политичката криза имаше своја негативна манифестација особено во порастот на индустриското производство, со што имавме неколку месеци забавено и негативно индустриско производство. Сега веќе оптимизмот е присутен и кај стопанствениците кои очекуваат да се надмине политичката криза затоа што таа беше една од оние три политички кризи коишто на некој начин негативно делуваа, односно покрај домашната, имавме миграциска криза која се уште е незавршена и да не ја заборавиме се уште актуелната грчка криза. Според тоа во овој дел гледам некаква оптимистичка варијанта на пораст на општествениот производ, вели економскиот експерт Томе Неновски. 

 
 
06.11.2015 - 15:13
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега