Ципушева: Изградбата на експресниот пат Штип - Радовиш од огромно значење за граѓаните од југоисточниот дел на Македонија

Денес започна четвртото продолжение на 71-та пленарна седница во Собранието на Република Македонија. На оваа седница пратениците ја започнаа дискусијата по точката од дневниот ред односно за Предлог-законот со кој се планира започнување на еден значаен и капитален проект кој предвидува изградба, реконструкција и проширување експресниот пат од Штип до Радовиш во должина од 39 километри.

За неопходноста и важноста од реализацијата на овој проект пред пратениците во Собранието свое образложение даде пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Нада Ципушева.

 „Од се срце го поздравувам ова, бидејќи овој Предлог - закон има голема важност за нас граѓаните од југоисточниот дел на Македонија, а поготово за граѓаните на Општина Радовиш, затоа што целта на овој проект е да се создаде една квалитетна патна инфраструктура која што ќе овозможи полесно, побрзо и посигурно патување на граѓаните од едно до друго место, а пак за земјоделците и трговците ќе овозможи полесно транспортирање на нивните производи“, започно пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Нада Ципушева.

Пратеничката Ципушева потоа истакна дека овој патен правец е од исклучителна важност и поради тоа што овој патен правец е единствен пат кој го поврзува Радовиш со главниот град на Македонија.

Во продолжение Ципушева се осврна и на деталите од предвидената изградба и реконструкција на овој експресен пат.

„Експресниот пат Штип - Радовиш е со должина од 39 километри и ширина од 11,4 метри. Експресен пат кој што дел од него, 18 километри ќе биде со реконструкција и проширување на постојна делница и другата делница која исто така ќе се реконструира и проширува. Додека останатата делница која што всушност е и најлошата делница на овој патен правец е  во должина од 21 километар, ќе биде сосема нова траса и ќе се избегне поминување во населени места“, истакна Ципушева.

Нада Ципушева посочи дека овој проект има огромно значење за граѓаните од овој регион и дека значително ќе го олесни животот на граѓаните од југоисточниот дел на Република Македонија, како и дека ќе се овозможи побрз економски развој на овој регион.

 

На крајот, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ципушева побара од сите пратеници во Собранието на Република Македонија едногласно да го поддржат и изгласаат овој предлог - закон со цел олеснување на животот и работата како на граѓаните на Општина Радовиш, така и на сите оние кои транзитираат и го користат овој патен правец.  

 
 
06.11.2015 - 14:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега