Лоренс Оер: Загрижени сме, но да му дадеме шанса на договорот од Пржино

-Загрижени сме за спроведувањето на договорот од Пржино, но веруваме во него и треба да му се даде шанса тој да биде спроведен во целост, изјави денеска амбасадорката на Франција во Македонија Лоренс Оер, која во Собранието имаше средба со пратеничката група за пријателство со францускиот Парламент. Оер не кажа дали Македонија ќе ја загуби препораката за членство во ЕУ или таа ќе биде условена, но рече дека набрзо ќе биде објавен новиот Извештај за напредокот.   

- Навистина сме загрижени во однос на спроведувањето на договорот од Пржино. Значителен напредок беше постигнат во минатото, не може да кажеме дека не може да се направи нешто повеќе затоа што работните групи мошне напорно работеа и успеаја да се договорат и за Изборниот законик и за специјалниот обвинител. Ние и понатаму веруваме во договорот од Пржино и дека треба да му се даде шанса целиот да биде спроведен, рече Оер. 

Според неа, одговорност за спроведување на договорот од Пржино имаат сите негови потписници. 

Француската амбасадорка беше децидна дека македонското Собрание треба да ја одигра својата улога во спроведувањето на договорот од Пржино и носењето на законите.  

- Денес на овој состанок ќе разговараме отворено бидејќи политичката состојба е доста комплицирана и Собранието треба да ја одигра својата улога во спроведувањето на договорот од Пржино, но исто така и во спроведувањето на сите закони што треба да се донесат. Затоа парламентарната група за пријателство претставува дополнителна нишка која што ќе помогне да се излезе од политичката криза, изјави Оер. 

Амбасадорката на Франција во Македонија Оер во Собранието на пратениците - членови на групата за пријателство на македонскиот и францускиот Парламент им ја пренесе пораката од претседателот на француската парламентарна група за пријателство Филип Герард за посета на Париз.

- Групата за пријателство има многу што да понуди. Сакаме да работиме на попродлабочена соработка со француското Собрание, затоа што Франција може да даде дополнителна помош и поддршка, додаде Оер.

Средбата со пратениците беше затворена за медиумите, а амбасадорката својата изјава ја даде пред нејзиниот почеток

 
 
02.11.2015 - 14:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега