Можностите за студирање во Франција претставени на саем во библиотеката „Св. Климент Охридски“
Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска се одржува Саем на студии во Франција, на кој претставници од околу 30 француски универзитети ги презентираат условите за студирање и можноста за стипендирање за македонски студенти.
На саемот беа присутни и алумни, односно поранешни студенти и стипендисти кои студирале во Франција, кои по враќањето во Македонија нашле работа од областа во која се едуцирале. Тие беа достапни за заинтересираните студенти и им кажаа кои се предностите за студирање во Франција и можностите по дипломирањето.
- Сакаме да студирате во Франција и за таа цел во Францускиот институт имаме простор кој е специјално наменет за тоа - „Кампус Франс“, со помош на кој сакаме да ве заинтересираме и да ве убедиме дека е убаво да отидете и да студирате во Франција, рече француската амбасадорка во Македонија Лоранс Оер, која официјално го отвори саемот.
Таа посочи и на новата можност за младите од Македонија - програмата „Идни професионалци“ која овозможува да стажираат во успешни француски компании.
- Неколку компании ни одговорија позитивно на повикот, така што покрај студирањето ќе имате можност и за ваше идно професионално вклучување во општеството. Во однос на стипендиите, пак, покрај од образовната програма „Еразмус плус“, постојат и други, како стипендиите на Универзитетската агенција на франкофонијата и на француската Влада, како и стипендии „Ајфел“ за најдобрите и најзаслужните, додаде Оер.
Саемот оваа година (од 11 до 18 часот) првпат се одржува во холот на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Директорот Иван Заров рече дека многу македонски интелектуалци и ерудити уште од 19 век се едуцирале на некој од француските универзитети каде што ги стекнувале и првите контакти со европската култура. Посочи и дека првиот директор на НУБ „Св. Климент Охридски“, проф. Ѓорѓи Шоптрајанов, е доктор по филолошки науки од Универзитетот во Дижон.
- Сорбона, Гренобл, Лион, Безансон, Дижон, Нант, Стразбур, Бордо, Руан, се само некои од најважните пунктови на интелектуалниот и духовниот растеж на македонските лекари, правници, научници, инженери, филозофи, економисти, кои ги восприемале културните, научните, филозофските и политички идеи од Европа, рече Заров.
Саемот го организира Францускиот институт (одделот за високо образование Кампус Франс) во Скопје. Тој е дел од Регионалниот патувачки саем на студии во Франција, кој посетува повеќе земји на Балканот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа