Електронските картички нема да го поскапат превозот на ЈСП, дури може и да го намалат

Електронските картички нема да го поскапат превозот со автобусите на ЈСП. Старата цена и натаму останува за месечните билети. Ова го потврди директорот на Јавнoто сообраќајно претпријатие Игор Јанушев, кој најави дека во моментов се вршат анализи на автобускиот превоз на сите линии и се разгледуваат дури и можности за намалување на цените, пренесува ВЕЧЕР.

Не би сакал ништо однапред да изјавувам, бидејќи во моментов сме сконцентрирани на теренското истражување и на анализата која ќе ја презентираме пред Советот на Град Скопје. Се разбира, крајниот збор за било какви промени го имаат советниците, вели Јанушев.

Тој информира дека од август, откога почна издавањето на електронските картички до сега се издадени околу 30 илјади персонализирани картички што се наменети за сите оние кои користат бенефициран јавен превоз како што се ученици, студенти, врабoтени, пензионери.

Јанушев ги повикува останатите да го сторат истото и да не чекаат последен момент, бидејќи останатите картички нема да важат од 1 јануари следната година.

-Картичката со фотографија можете да ја извадите во една од засега шесте канцеларии во Скопје, Бит-пазар, Центар, Порта Влае, Аеродром, дирекција на ЈСП и Транспортен центар. На истите места може да се извади и преносливата картичка без фотографија, наречена "скопска“ која може да ја користи поединечно кој било член од семејството, вели Јанушев.

Вадењето на персонализирана електронска картичка чини 250 денари, а семејната 200 денари. Оние патници, пак, што не се возат редовно со автобус и кои немаат потреба од електронски  билет, како на пример луѓе кои се од други градови, а дошле на неколкудневен престој во Скопје, или пак странците ќе можат да користат посебен билет кој освен во билетарниците ќе може да се купи во автобус. 

Јанушев најави воведување на дневен билет кој ќе важи за сите линии како и картичка со повеќе возења. 

-Со новиот систем на наплата, патниците ќе можат да плаќаат со повикување на бројот 185, со доблужување на мобилниот телефон до валидаторот и со СМС-порака, вели Јанушев.

Од почетокот на идната година, на автобуските стојалишта ќе бидат поставени над 50 информациони дисплеи на кои ќе се прикажува пристигнувањето на автобусите, а патниците ќе можат да се информираат за линиите и со испраќање СМС-порака, преку веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус на одредена постојка, ќе биде на располагање и т.н. планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу 2 места во Градот со користење на јавниот превоз. 

 
 
02.11.2015 - 13:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега