„Блиц“ : Албанските банди од Косово се закана за Србија

Српската армија и полиција треба посериозно да се позанимаваат и поцврсто да им се спротивстават на вооружените косовски Албанци, кои веќе 14 години дивеат низ селата долж српско-косовската граница, пишува белградскиот весник „Блиц“ по повод инцидентот од неделата, во кој српската жандармерија имаше престрелка со вооружени Косовци, кои преминале на српска територија за да крадат дрва.

Добро вооружени, криминалците од Косово владеат со теренот, ги обележуваат патеките, ги следат српските патроли и му нанасуват штети на населението. Најчесто тие крадат дрва, но цел на бандите се и добиток, овошје, зеленчук, а не се ретки и вооружените напади врз Срби, пишува „Блиц“.

Весникот посочува дека иако меѓународните мисии во Косово, КФОР и ЕУЛЕКС, биле информирани за инцидентот од неделата, тие досега не реагирале.

Според авторот на статијата, одговорноста за инцидентите предизвикувани од косовските Албанци долж границата, лежи целосно врз косовските сили за безбедност, кои својата страна од граничната линија ја оставиле речиси без никаква заштита.

Освен кражбите на добиток и незаконската сеча на дрва, во селата во општина Куршумлија, каде што се случи инцидентот во неделата, во текот на последните 14 години се убиени десетина локални жители, а неколку српски полицајци загинале од заостанати мини.

Владислав Јовановиќ, поранешен министер за надворешни работи на СР Југославија, за весникот коментира дека во последните  години српските власти биле премногу пасивни кон силите на НАТО - КФОР, кои им дозволувале  Албанците да ја преминуваат границата и да вршат криминал.

- Белград треба да инсистира меѓународните сили во Косово да ја засилат заштитата на (граничната)_ линија. Тоа е неодложно прашање што може да биде покренато и во преговорите со Приштина, предупредува Јовановиќ. 

најчитано сега