Македонската Алијанса во Албанија во коалиција со Сали Бериша
Единствената партија на Македонците во Албанија, „Македонска Алијанса за Европска Интеграција“, на престојните парламентарни избори ќе биде дел од десната коалиција „Алијанса за работа, благосостојба и интеграција“,предводена од Демократската Партија на Сали Бериша, која ја сочинуваат 26 политички партии.
- Ова сигурно е најдоброто коалицирање од формирањето на Македонска Алијанса, вели Васил Стерјовски генерален секретар на партијата.
Инаку, со ова коалицирање Демократската Партија на Албанија, се обврзува да ги поддржи и заштити правата на Македонското малцинство во Албанија, во согласност со меѓународните обврски и стандарди. Ќе го регулира учењето на македонскиот јазик, за ученици од македонското малцинство, секаде каде што се исполнуваат условите, а од септември за сите предмети ќе бидат испечатени учебници на македонски јазик, додека во Требиште од 7-мо одделение ќе се изучува македонскиот јазик.Ќе се вложи и во подобрување на инфраструктурата во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, а ќе се отвори и граничниот премин Џепиште - Требиште. Покрај тоа, ќе профункционираат и премините кај Шиштавец, Борја и Оргоста во областа Гора.
Демократската Партија на Албанија се обврза за локалните избори кои ќе се одржат во 2015 година да ги поддржат кандидатите за градоначалници на Македонска Алијанса во округот на Корча, општините Требиште и Пустец.
Договорот за коалицирање во просториите на Македонската Алијанса во Тирана, го потпишаа Ридван Боде, генерален секретар на Демократската Партија на Албанија и Едмонд Темелко, претседател на Македонска Алијанса за Европска Интеграција.
ФОТО: Алфа.мк