Во Македонија 16.694 жени имаат над три деца и земаат родителски додаток

Меѓу низата закони што ги донесе Владата на РМ од социјалната сфера е и законот за родителски додаток за дете. Во Македонија 16.694 жени имаат три или повеќе деца. Тие се имаат стекнато со законското родителско право да примаат одреден месечен надоместок,како и да остварат бенифицирано право на пензија.

Комисијата за  труд и социјала при ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола ги поздравува мерките на Владата на РМ со кои се поддржува и поттикнува зголемувањето на наталитетот и проширување на семејството како основна клетка на здравото општество.

Имплементацијата на овој закон успешно се спроведува и во општина Битола. Бенифитот на ова право во нашата општина го користат околу 630 семејства кои во изминативе години го зголемиле своето семејство со три или повеќе деца.

Начинот за остварување на ова право е следен:

Родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете. Правото го остварува мајка која е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија последните три години пред поднесување на барањето и која непосредно се грижи за детето за кое поднела барање,  чии деца од претходниот ред на раѓање не се сместени во установа за социјална заштита, згрижувачко семејство или не се дадени на посвојување и на која не и е одземено родителското право над децата од претходниот ред на раѓање.

Правото не може да се оствари ако мајката за време на бременоста не вршела здравствени прегледи и контроли кај избран лекар-специјалист по гинекологија и акушерство и ако таа  во моментот на поднесувањето на барањето живее и работи во странство.

Исто така правото не може да се оствари односно ќе го изгуби веќе оствареното право, доколку:

- не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно со закон  и 

- детето не биде запишано и редовно не ја следи наставата во основно училиште согласно со закон.

По исклучок правото на родителски додаток се  остварува и за детето:

- кое поради болест или повреда е спречено редовно да ја посетува наставата и заради таквата спреченост вонредно го продолжува образованието согласно со закон и

- кое поради степенот на попреченоста не може да се образува согласно со закон.

Во случај мајката да не е жива, да го напуштила детето, или од оправдани причини да е спречена непосредно да се грижи за детето, правото наместо мајката може да го оствари таткото или старателот доколку ги исполнува погоренаведените  услови.

Оправдани причини се:

- подолготрајно континуирано болничко лекување на мајката;

-сериозно нарушена здравствена состојба на мајката;

- студиски престој, усовршување и специјализација на мајката и

- одземена деловна способност на мајката.

Барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете со потребната документација се поднесува до надлежниот центар за социјална работа, најдоцна до наполнети три месеци живот на детето и се остварува од денот на раѓањето на детето. Родителскиот додаток за трето дете се исплатува месечно, за период од десет години, во висина од 8.300 денари.  Барањето за продолжување на правото на родителски додаток за дете за наредната година се поднесува до 31 март во таа година. Доколку барањето за продолжување на правото на родителски додаток за дете е поднесено после овој рок, барателот ќе се стекне со продолжување, односно користење на правото првиот ден на наредниот месец од месецот во кој е поднесено барањето за продолжување на правото. 

Редоследот на раѓањата на децата кај правото на родителски додаток за дете се утврдува спрема бројот на живи деца на мајката утврдени во однос на денот на поднесување на барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете, спрема датата и часот на раѓањата запишани во матичната книга на родените, кој редослед се утврдува на ист начин и во случаите кога мајка ќе роди повеќе деца одеднаш.

Дека мерките за стимулирање на наталитетот навистина даваат ефект, сведочи статистиката која говори дека во голем број на општини на РМ бројот на трето родени деца е зголемен за два до три пати во однос на изминатите години.

 
 
29.10.2015 - 09:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега