„Купи куќа, купи стан“: Над 650 семејства го решиле прашањето за сопствен дом

Повеќе од 650 семејства досега го решиле прашањето за сопствен дом преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Континуирано расте интересот за учество во проектот, проектот станува подостапен до граѓаните преку караванот и саемите кои го организира Министерството за финансии, пишува Лидер.

Токму денеска, започнува саемот за „Купи куќа, купи стан“ во Сити мол, а како што е веќе најавено, граѓаните ќе можат да добијат попусти на актуелните цени на становите, кои можат да достигнат и до 200 евра по квадратен метар. Граѓаните кои сакаат да се информираат повеќе за условите кои ги нуди проектот можат да го посетат саемот кој ќе трае до недела, 1-ви ноември.

За многумина проектот „Купи куќа, купи стан“ е атрактивен, а тоа се должи најмногу на поволните каматни стапки и услови.

-Ние одамна размислувавме за стан. Претходно немавме храброст, бидејќи без овој дел од владиниот проект не се чувствувавме моќни сами да запловиме во тие води. Сметам дека оваа помош е добредојдена,  вели Јасминка Димовска која го користи субвенционираниот кредит од проектот „Купи куќа, купи стан“.

Оние кои веќе се стекнаа со сопствен дом преку овој проект велат дека помошта е големо значење.

-Ги разгледувавме сите можности да стигнеме до наш, сопствен дом, меѓутоа условите беа лоши, едноставно високи беа каматните стапки на кредитите и не успевавме никако да стигнеме, вели Марјан Димовски, корисник на проектот „Купи куќа, купи стан“.

Предвидени се два модела, првиот се однесува за ратата, вториот за учеството. Кај првиот модел на рата, Владата за изградба или купување куќа покрива 75% од месечната рата (главница + камата) и тоа во првите 5 години од отплатата на кредитот, кога е и најтешко да се застане на нозе. За стан, се покрива половина од месечната рата за истиот период. Субвенционираната камата изнесува 3,95% во првите 3 години и 4,44% во четвртата и петтата година од отплатата.

Вториот модел е за помош околу учеството. Владата плаќа 75% од учеството за изградба или купување куќа, или во апсолутни бројки до 9.375 евра за максималниот износ на кредитот од 50 илјади евра. За стан, Владата покрива половина од учеството или 6.250 евра за кредит од 50 илјади евра. Каматата за станбениот кредит исто така е субвенционирана и изнесува ЕУРИБОР + 4,5% во текот на периодот на отплатата.

-Пред сè овој проект е наменет за луѓето кои имаат извесен износ на средства, но немаат доволно за сами да ја завршат работата, да купат стан, да изградат куќа или да се решат за доградба. За сите тие проекти можат да се користат средства од „Купи куќа, купи стан“. Во зависност од кредитот, државната помош се движи од 8 до 14 илјади евра. Сметаме дека ова е значителен износ на средства што е добредојден, особено во првите години кога е најтешко да се исплаќа кредитот, вели вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Средства за проектот „Купи куќа, купи стан“ ќе има и во наредната година, граѓаните можат да сметаат на поддршката од Владата.

Кои се условите за учество во проектот „Купи куќа, купи стан“?

Граѓаните кои сакаат да аплицираат за субвенциониран кредит преку овој проект треба да исполнат неколку услови, поставени со цел парите да завршат кај оние на кои им се и најмногу потребни.

Вкупните месечни приходи на поединецот не смеат да надминуваат 900 евра или, ако се работи за брачни другари, горниот лимит изнесува 1.300 евра. Кандидатите не смеат во сопствена или заедничка сопственост со брачниот другар да имаат стан или куќа, ниту пак претходно да имаат подигнато друг станбен кредит.

Што се однесува на кредитот, субвенционираниот износ е до максимални 50 илјади евра. Ова важи и ако земете кредит над 50 илјади евра, повторно поддршката ќе биде до овој износ.

Правила има и за потенцијалниот дом: треба да е новоградба со сите документи, со цена на квадрат до максимални 900 евра, да се купи директно од инвеститорот или од изведувачот, а во случај на куќа, градежно – техничката документација треба да гласи на име на барателот.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ се реализира преку 8 банки: НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка – Скопје, Стопанска банка – Битола, Шпаркасе, ТТК, ПроКредит, Алфа банка и Охридска банка (Сосиете Женерал).

Се поднесува барањето за користење субвенциониран кредит до банката, која ја проценува вашата кредитна способност и го кажува последниот збор. Откако ќе се склучи договорот важат и следниве правила: забрана за давање под кирија на недвижноста, забрана за ставање под хипотека, забрана за продавање во првите 5 години од почетокот со исплата на кредитот.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ истовремено го раздвижи пазарот на недвижности, а градежните компании регистрираат зголемена продажба.

 
 
29.10.2015 - 09:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега