Попоски се сретна со Вестервеле: Македонија ја има поддршката на Германија за влез во ЕУ
"Македонија ја има поддршката на Германија за интеграцијата во ЕУ. Германија ќе го задржи кредибилитетот на процесот на проширување и по следното приклучување на Хрватска"
Ова е пораката која министерот за надворешни работи Никола Попоски ја добил за време на вчерашните средби во Берлин со неговиот германски колега Гидо Вестервеле и со политичките партии застапени во Бундестагот.
- Од тој аспект беше искажан ставот дека ќе се инсистира на задржување на принципот - штом се остварува да се преоѓа во соодветна фаза. Таа поддршка од страна на Германија е исклучително значајна, истакнал Попоски за МИА.
Според него, за Македонија во овој момент не постои никаква друга пречка освен ставот на Атина, кој го попречува почетокот на пристапните преговори.
- Сметаме дека со оглед на важноста на европската агенда добро ќе биде и оттаму да слушнеме глас на разум и поддршка за задржување на процесот на проширување на агендата на ЕУ, вели шефот на македонската дипломатија.
Прашан дали Македонија ќе добие поддршка од официјален Берлин за доделување датум за почеток на преговорите на самитот на Советот на ЕУ, Попоски со став дека во Германија не постои дилема за тоа дали би се поддржала заслужена препорака.
- Тоа е случај и со Република Македонија. Во нашиот случај е единствен предизвикот на консензусот, односно онаа последна земја, која досега не се придржуваше кон таквата поддршка, вели министерот Попоски.
Попоски покрај со сојузниот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, денеска имаше средби со претставници од Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел, како и со членови на Комисијата за ЕУ и пратеници од германскиот Бундестаг. Во рамки на дводневната работна посета на Сојузна Република Германија, тој утре ќе има средба со Комитетот за надворешни прашања и со Комитетот за ЈИЕ.
На средбите со германските соговорници министерот Попоски ќе ги пренесе македонските очекувања за поддршка од Германија за донесување на одлука за почеток на пристапните преговори на претстојниот Самит на ЕУ во јуни оваа година, при што ќе ги повтори ангажманот на државата и агенда во исполнувањето на потребните обврски во процесот на интегрирањето на Македонија во ЕУ и во НАТО.
ФОТО: Дневник