Македонија и Јапонија негуваат одлични билатерални односи

Во рамки на посетата на Јапонија, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес, оствари средба со неговиот јапонски колега, министерот за надворешни работи на Јапонија, Фумио Кишида.

На средбата се разговараше за билатералните односи помеѓу двете земји, состојбата со мигранскиот наплив во Европа, евро-атланските аспирации на Република Македонија, а се дискутираше и можноста за што поскоро отворање на Амбасада на Јапонија со седиште во Скопје.

МНР на Јапонија, Кишида изрази благодарност за посветеноста на Република Македонија за унапредување на соработката со Јапонија, истакнувајќи ги посетите на премиерот на Република Македонија Никола Груевски минатата година и оваа на МНР Попоски годинава, како клучни во понатамошниот развој на односите помеѓу двете држави. Воедно, ја нагласи загриженоста за состојбата со бегалско-мигрантската криза, истакнувајќи ја хуманитарната помош од 2,5 милиони долари за Македонија и Србија за справување со последиците од напливот на мигранти.  

Изразувајќи благодарност за поддршката од Јапонија за справување со мигрантскиот наплив, МНР Попоски истакна дека Република Македонија останува посветена на европските вредности, преземајќи улога како член на ЕУ во изнаоѓањето на заедничко европско решение на овој предизвик. Воедно, МНР Попоски ги истакна поволностите кои ги нуди државата за привлекување странски инвестиции, континуираниот пораст на БДП и високото позиционирање на извештајот од Светска банка Doing Business, како и можностите за зголемување на бројот на јапонски туристи во Република Македонија.

Соговорниците разговараа и за пречките на Република Македонија во евро-интеграциите, како и за напредокот во решавање на политичката состојба во домашни рамки. Исто така, разговараа и за повеќе актуелни меѓународни  и мултилатерални прашања, меѓу кои и состојбите во Источна Азија, безбедносната политика на Јапонија со посебен акцент на владеење на правото и принципиелноста во меѓународните односи.

МНР Попоски имаше и работна вечера со почесниот генерален конзул на Република Македонија во Јапонија, Масатаке Мацуда на која се разгледуваа конкретни можности за унапредување на билатералните односи помеѓу двете земји, со посебен акцент на економијата. 

 
 
27.10.2015 - 15:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега