Глигоров: Политичката ситуација ќе нема големо влијание врз економијата

 

Актуелната политичка ситуација во Македонија нема да има големо влијание врз економијата. Растот до крајот на годинава ќе биде околу три отсто, оцени денеска Владимир Глигоров од Виенскиот економски институт.

Според него, преговорите меѓу политичките партии ќе продолжат. Би било нереално да се очекува нивно прекинување бидејќи, како што рече, влогот е голем. - Нема да оди лесно. Сепак, мора да се реализира договореното и да има предвремени парламентарни избори, рече Глигоров.

Глигоров воедно не смета дека може да дојде до промени во однос на кандидатскиот статус на Македонија и почетокот за преговорите за членство во ЕУ, ниту има какви било сознанија за тоа.

- Тоа би ме изненадило бидејќи ЕУ посредуваше во преговорите. Би ме изненадило и да се доведе во прашање препораката за почеток на преговорите, која инаку е формална, а посебно не гледам како би можело да дојде до одземање на кандидатскиот статус, изјави Глигоров. 

 Посочи дека податоците со кои располага не укажуваат на големи последици врз стопанскиот раст од она што се случува на политичката сцена. Околу 3 проценти е реално она што Македонија може да го оствари. Дали ќе биде 3,2, 3 или 3,4 отсто, може да биде моментна коњуктура, нагласи Глигоров, одговорајќи на новинарско прашање во Стопанската комора, пред презентацијата на македонските компании кои имаат производни капацитети во странство.

Оценка на Глигоров е дека извозот во последните четири до пет години бележи пристоен раст, а и во моментот изгледите за негово зголемување не се лоши, но мора да се интензивира растот на преработувачката индустрија за да се задржи трендот.

 
 
27.10.2015 - 13:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега