Муратовска: Реформите во Царинската управа овозможија поефикасен превоз

Поголема ефикасност во вршењето на превозот и подобри услови за работа на превозниците и овозможија спроведените и тековните реформи во Царинската управа и останатите институции на граничните премини, оцени денеска Биљана Муратовска, генерален секретар на Здружението на транспортери  „Макам-транс“.

Превозните трговски друштва, според Муратовска, имаат придобивки од реформите со индиректно и директно влијание. Индиректно со сите процедури донесени од 2006 година досега за постапување на цела територија на Македонија за извозно-увозно царинење на стока. Директни мерки се поедноставените царински постапки,  можноста за куќно царинење и отворањето царински терминали на  поважните гранични премини. Со тоа, потенцира Муратовска, се скратува времето за завршување на процесот  од премерување на стоката до крајниот корисник.

- Сите превозни трговски друштва кои вршат  превоз на збирна стока во минатото губеа по цела недела  за да го завршат превозот, но сега со поедноставените постапки се се сведува на еден ден  затоа што стоката што се превезува се истовара во царински склад, а понатаму корисниците на превозот си ја завршуваат работата. Вкупното царинење  исто така ни го сведе времето на завршување на превозот на 60 минути. Сите поголеми трговски друштва како што се „ФЕНИ“, „Цементарница УСЈЕ“, „Пивара“, каде претежно се е вршат и масовни  превози, чекаат само 60 минути дали царинскиот орган ќе дојде на контрола или не,  по што се слободни за излез од државата или ја растовараат стоката, рече Муратовска.

Со отворањето на граничните царински терминали што зависно од фреквенцијата работат и до 19, 20, а некои и 24 часа, е овозможено заедно со шпедитерите да се заврши постапка за увоз или за извоз на стока во секое време без оглед дали е викенд или празник. - Тоа  е особено значајно во периодот кога имаме извоз на земјоделски производи. Бербите се вршат секогаш доцна  навачер, а возилото не мора да чека наредниот ден да ги заврши постапките, туку продолжува на „Блаце“, „Ново Село“ или каде било каде има терминали 24/7. Процесот на производство тече, стасуваме навреме и ја  запазуваме цената на самите производи, како и  рокот на испорака, нагласи Муратовска.

Според неа, транспортните трошоци во минатото се зголемеувале за 200 до 300 евра, а сега има намалување. На превозниците, појасни, во изминатиот период им е овозможено и беслатно вагање на товарени или празни возила, намален им е надоместот за користење гранични царински терминали, со период од 3 односно 5 часа бесплатен престој, по што има скалеста наплата на надоместот кој за 24 часа не изнесува повеќе од 1.200 денари. По тој период надоместот е 50 денари од час. Намален е и надоместот за користење приватни царински терминали, каде е  обезбеден и бесплатен растовар и утовар на стока при детален царински преглед. 

Муратовска укажа и поволностите од намалената царинска стапка за увоз на приклучни возила и прописите за електронска распределба на меѓународните дозволи што овозможило значителна обнова на возниот парк со увоз на возила со висок Еуро стандард и поголем увоз на возила од фабрика. - Ако во 2006 година превозниците аплицираа со 706 влечни возила, во 2015 година аплицираа со 3.114 влечни возила со соодветен еуро стандард, што е раст од 441 процент, посочи Муратовска.

Како придобивка за транспортерите го наведува и влезот на Македонија во единствениот транзитен систем што овозможува кога се товари стока од Македонија кон државите на ЕУ да се стаса до крајната дестинација само со еден документ. Тоа се однеисва и при  товар на стока за Турција и обратно. - Овој процес допрва заживува, а крајните ефекти ќе ги почувствуваме кога и Србија ќе влезе во овој систем со што ќе се овозможи побрз проток на возилата,  значи и намалување на трошоците  кои ги имаме затоа што во овој период користиме ТИР карнети, пропратници кои се плаќаат за издавање гаранции за движење низ одредени држави, наведе  Муратовска. 

Значајни за превозниците, како што вели, се и почнатите проекти на Царинската управа за подобрување на условите на работа, особено на премините Табановце, како најфреквентен царински премин, и на Ќафасан. - Со тоа ќе се зголеми бројот на излези за возила од државата, ќе се прошират граничните премини,  ќе се изградат логистички центри. Како транспортери  со самиот влез на границата  ќе ги завршиме сите процедури и директно ќе одиме на истовар на стоката, а тоа значи намалување на многу трошоци за користење шпедитерски услуги за одење од еден  до друг терминал. Со зголемениот проток на возила на Табановце ќе заштедиме ден или два во вршењето на превозот, потенцира Муратовска. 

Со претстојното мерење на протокот на возила на граничните премини што ќе го спроведат македонската Царина и Светската царинска организација треба да се дефинираат тесните грла и проблемите  при спроведување на комплетната царинска постапка вклучувајќи го времето  на пријавување на возилото кај пограничната полиција, шпедитери, инспектори, па се до завршување на последната активност за ослободување на возилото во определаната царинска постапка во извоз, увоз или транзитен превоз. 

-  Мерењето ќе ги покаже сите аномалии кои постојат и каде треба царината да обрне внимание бидејќи како транспортери овозможуваме побрз проток на капиталот од целото стопанство на државата. Како олеснителна мерка додека се завршат последните проекти за проширување на Табановце,  Царинската управа и пограничната полиција при Министерството за внатрешни работи потпишаа протокол со кој е обезбеден коридор за поминување  на сите возила кои  се празни, кои превезуваат свежа стока и опасни стоки, во периодот од девет  часот навечер до 1 часот наутро, изјави Муратовска.

 
 
27.10.2015 - 13:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега