Се комплетира Милениумскиот крст: Лифт и ресторан на врвот на скопскиот бисер

Со изградбата на жичницата во рамките на целиот проект ЈСП-Скопје го доби на стопанисување и објектот Милениумски крст. Од причина што тој со години претставува спомен-обележје на главниот град, а за овој објект да го добие својот сјај, ЈСП со сопствени средства и со средства од страна на градските власти, одлучи летото 2014-та да почне со преадаптација и со реконструкција.

- Со овој зафат се опфатени повеќе активности. Антикорозивна заштита, илуминација, инсталирање нов лифт и надворешни скали, одвод и довод на пивка вода, резервоар за пивка вода, пречистителна станица/бунар и надворешна инфраструктура, информираат од претпријатието за Нова Македонија.

На длабочина од 200 метри на самиот врв на Водно е ископан бунар, кој за потребите на посетителите, но и за ресторанот што ќе се гради, ќе биде од големо значење.

- Фирмата што почна да го копа бунарот не успеа со првиот ископ да најде вода, затоа што наиде на тврда карпа. Од тие причини почна да копа втор, каде што на длабочина од 200 метри беше пронајдена вода, вели за Нова Македонија Игор Јанушев, директор на ЈСП-Скопје.

Успешно пронајдената вода за пиење на Водно и градењето на пречистителната станица не се единствениот новитет што за неколку месеци дополнително ќе го краси обележјето на главниот град. Во моментов се работи и на инсталирање лифт на самиот крст, кој на посетителите ќе им понуди уште поубава глетка на метрополата.

mileniumski krst

- Лифтот ќе оди до самиот врв на Милениумскиот крст. Тој ќе им понуди на посетителите нешто што досега го немало на Водно. Панорамски поглед на градот, без ниедна пречка од дрвја и гранки, информираат од претпријатието.

Трета и последна новина што наскоро ќе го краси Водно е изградбата на ресторан. Од ЈСП информираат дека ресторанот е завршен и се чека градежните активности да завршат за да почне со работа за сите посетители што ќе сакаат цел ден да се забавуваат на врвот на скопскиот бисер.

 

 

Оцени ја веста

14.10.2015 - 15:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега