Поголем извоз во Тајван, заеднички вложувања со Унгарија

На трилатералниот бизнис форум во организација на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), во рамки на „Технома 2015“,  беше потенцирано дека размената е една од основните цели на кои мора да се работи. Потенцијалите се големи, но неопходно е реализирање директни контакти меѓу компаниите.

Земјоделството, градежништвото, текстилот, прехранбената и метало-преработувачката индустрија, се само некои од секторите во кои Македонија и Унгарија можат да ја интензивираат економската соработка, но деловните односи ќе се унапредуваат и со Тајван преку зголемување на извозот.

-Нивото на трговска размена може значително да се зголеми. Потенцијали постојат, треба да ги искористиме преку вакви директни средби и форуми. Големи се можностите за повисоки форми на соработка со Унгарија, како заеднички вложувања и настапи во трети земји, додека во однос на тајванскиот пазар кој е многу специфичен, пребирлив и конкурентен, детектирани се можности за извоз на земјоделски производи и вино, како и во информатичките технологии. Договараме настап на одредени саеми во Тајван кои се со голема репутација и посетеност. На нив македонските компании би можеле да се промовираат и да се остварат директни бизниси, изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК.

Белинда Јао од Тајванскиот совет за надворешен развој оцени дека ваквите средби се одлична можност за непосредно запознавање на компаниите.

-Првпат доаѓаме тука. Сметаме дека ова е добра можност да се запознаеме и да соработуваме заедно, со македонските и со унгарските компании, рече Јао.

forum-ssk1

Саше Јанакиевски од Македонско-унагсрката стопанска комора изрази уверување дека бизнисот форумот ќе даде резултат во најскоро време.

-Заложбата на унгарските компании е заедно со македонските да го освојат предизвикувачкиот тајвански пазарс, изјави Јанакиевски.

Вкупната размена меѓу Македонија и Унгарија годишно изнесува околу 100 милиони американски долари, а размената со Тајван достигнува 90 милиони долари. Со Унгарија бележиме трговски дефицит, а со Тајван суфицит. Македонскиот извоз во Тајван е 60 милиони долари при што доминантен е феро-никелот.

Во бизнис-делегациите од Унгарија и Тајван, на форумот присуствуваа реномирани компании од повеќе индустриски области – производство и продажба на високо квалитетни алатки за обработка на метал, инженерство, пневматици, машини за одржување површини, пота на алати за автомобилската индустрија, како и производство на таблети, звучници, рутери, таксиметри и многу други.

ССК форумот го организира во соработка со Унгарската национална трговска куќа во македонија и Тајванскиот совет за надворешен развој.

 

 

Оцени ја веста

14.10.2015 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега