Пристигна новиот мамограф во штипската Клиничка болница
Штипската Клиничка болница доби нов современ мамограф, а е еден од шестте центри во земјава кои добија ваков апарат за прегледи на дојката, набавени од Министерството за здравство.
Началникот на Одделението за ренгенологија при Клиничка болница-Штип, Нада Алексова вели дека новиот апарат е дигитален, а пациентите кои подолго чекаат на прегледи на дојките на овој апарат ќе бидат дополнително известени, кога ќе се стави во функција, пренесува МИА.
- Новиот современ апарат го добивме и сега правиме адаптација на просторија на одделението, каде што ќе се вршат прегледите на пациентите, изјави Алексова.
Директорката на Клиничка болница-Штип, Елизабета Папарова вели дека за една недела ќе заврши адаптацијата на просторијата во рамки на одделот за ренген дијагностика, каде што во една зграда се сместени компјутерскиот томограф, магнетната резонанца и останатите апарати на ова одделение.
- Како Клиничка болница испративме и двајца лекари специјалисти на обука, кои ќе се обучат да работат на овој современ дигитален апарат. Адаптацијата на просторијата оди брзо и верувам дека за една недела веќе ќе почнат и прегледите на пациентите од Штип и останатите градови во регионот, рече Папарова.
Од наредната недела пациентите од Штип, Пробиштип и останатите помали рурални општини ќе можат прегледите да ги вршат на новиот апарат во штипската Клиничка болница.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа