Грк се натоварил со 10 литри вотка за на одмор во Македонија - еве со што се занимавале македонските цариници

 

Минатата недела и во текот на викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди шверц на стока, при што привремено се задржани златен и сребрен накит, цигари, алкохол, репроматеријали за обувки, технчка стока и козметика, информираат од македонската Царина.

Од Царината информираат дека е задржана следната стока:

Златен и сребрен накит
- 5 златни алки со вкупна маса од 142 грама и 29 парчиња сребрен накит, откриени во два одвоени случаи при контрола на два автобуси пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при личен претрес на македонска државјанка, патник во турски автобус што сообраќал на релација Истанбул-Гостивар, на нејзината рака се пронајдени 5 златни алки, покриени со стегач. Во вториот случај, при личен претрес и контрола на патните торби на македонски државјанин, патник во македонски автобус пронајден е сребрен накит: 14 пара обетки, 6 прстени, 6 ланчиња, 2 нараквици и 1 круна. Дел од накитот е пронајден во пластична кутија, сместена во кеса, а дел во преден џеб од панаталоните на патникот.

Цигари и алкохол
- 44 штеки цигари CLASSIC-RED, YORK-RED, MONTE CARLO-BLUE и BRAND BLUE со македонски акцини маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Дојран. Цигарите биле сокриени во фабрички празнини во подот на возилото и страничните делови кај задното седиште на возилото. 
- 10 литри вотка Stolichnaya и 8 штеки цигари Marlboro и Slim Line без акцизни маркички, откриени при контрола автомобил со грчки регистарски таблички, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Возачот и сопатниците во возилото, тројца грчки државјани, пријавиле дека носат 3 штеки цигари и 3 литри вотка, но при извршената контрола, под предните седишта на возилото и во јакна закачена на совозачкото седиште биле пронајдени непријавените цигари и вотката.

Облека и обувки
- 13.021 делови за обувки (горништа, лубови, ѓонови и табани) и 6 пара женски чизми, откриени од Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница Куманово, при контрола на фирма од Крива Паланка, имател на одобрение на царинска постапка-увоз за облагородување со систем на одложено плаќање. Одговорните лица на фирмата не приложија документација како доказ за царинскиот статус на пронајдената стока.

 
Техничка стока
- 3 брусилки и 70 парчиња шмиргли, откриени при контрола на српски автомобил, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на граничиот премин Блаце. Непријавената стока била пронајдена во просторот за резервна гума, во багажникот на возилото. 
- 2 електормотори, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Едниот електромотор бил пронајден пред совозачкото седиште, адругиот во багажниот простор на возилото.

Козметика
- 120 парфеми од марките JUST CAVALLI, PRADA, NINA RICCI, CALVIN KLEIN, TRUTH DARE BS MADONNA и други, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики при контрола на патните торби на македонски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул.     
- 134 разни козметички препарати (гелови за туширање, тоалетни води и креми), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на камион со бугарски регистарски таблички, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавената стока била пронајдена во повеќе кутии, сместени во просторот за палети и на креветот, во кабината на возилото.

Друго
- 133,5 кг алуминиумски профили и ленти за венецијанер ролетни, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, извршена во соработка со мобилните полициски единици на патниот правец Деве Баир - Крива Паланка.  Откако визуелно било утврдено дека во багажниот простор и на кровот на возилото има поголема количина стока од трговски карактер, возилото е придружувано до јавен царински склад во Куманово каде е извршен детален преглед. Возачот на возилото, македонски државјанин, не поседуваше документи за потекло на стоката и платени увозни давачки за стоката. 
 - 37 дизни, 24 капачиња и 38 електроди, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавената стока е пронајдена во две торби, помеѓу личните работи, и во преградите на вратите на возилото. 
- 1 комплет бугарски регистарски таблички, откриени при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Откако од припадниците на полицијата на граничниот премин било посочено дека патникот во возилото, бугарски државјанин влегол во Македонија пред околу 2 часа со патничко возило со бугарски таблички, царинските службеници извршиле детален преглед на возилото, при што во кеса сместена помеѓу совозачкото и задното седиште се пронајдени двете таблички, свиткани во ролна. Според изјавата на прекршителот, возилото го продал за делови во Куманово, а табличките и сообраќајната дозвола ги враќал во Бугарија за да ги раздолжи.

На ваков начин, бугарскиот државјанин постапил како стоката да била пуштена во слободен промет, иако за истата не биле спроведени пропишаните царински формалности за пуштање на стока во слободен промет и за плаќање на сите царински давачки.

најчитано сега