Македонски директори ќе се обучуваат во Торонто
Шест извршни директори на македонски компании од денеска до 20 јули ќе ги посетуваат курсевите на Шулих Школата за бизнис во Торонто, а ќе посетат и неколку познати и успешни компании во Канада. Оваа школа е една од десетте најдобри школи за бизнис во светот.
Тие ќе следат курсеви на кои предавачи ќе бидат експерти од меѓународната бизнис сцена, а школарината ќе ја покрие „Македонија 2025“.
Претставниците од Македонија, предводени од Зоран Мартиновски, член на Одборот на директори на „Македонија 2025“, ќе имаат можност да ги посетат канадските компании Сириус Икс-Ем Канада, Бомбардиер, Телус Интернешнел, Магна, Мајкрософт Канада,... За време на посетите ќе имаат можност да се запознаат со претставници на врвниот менаџмент и со начинот на работа на големите компании.
Воедно, ќе имаат можност да учествуваат на многу бизнис настани, чија главна цел ќе биде остварување на бизнис контакти и поврзување со претставници на дијаспората, како и запознавање со потенцијални инвеститори од Канада.
„Македонија 2025“ ќе организира и средба на која ќе учествуваат претставници од Одборот на директори на „Македонија 2025“ и голем број угледни бизнисмени од регионот.