Матурантите во исчекување - резултатите од државната матура денеска ќе осамнат на интернет

Резултатите од јунската државна матура денеска ќе бидат објавени во електронска форма на интернет страницата www.matura.gov.mk, а утре ќе осамнат и на огласните табли во средните училишта.

Оваа година, матурантите при полагањето државна матура, добија просечна оценка 3,18, која е повисока од минатогодишната која изнесуваше 3,09.

Постигањата за македонски јазик и летература, според прелиминарните резултати, се со просечна оценка 3,44, и се повисоки во однос на минатата година, кога просекот беше 3,32. За математика - основно ниво  се постигнати најдобри резулати досега, со просечна оценка  3,38. Лани просечната оценка изнесуваше 3,02, а 2,94 во 2011.

Министерството за образование и наука вчера оцени дека кај повеќето предмети има подобрување во постигањето споредено со минатите години, што е показател за подобрување на основните знаења и адаптирање на стандардите на државната матура.

- Генерално државната матура оваа година покажа подобри резултати од претходните, но исто така фер е да се констатира  оти процесот на полагање веќе преоѓа во еден вид пракса прифатена и од матураните и од Државниот испитен центар и Бирото за развој на образование, кои веќе го имаат методолошки усвоено  целокупниот процес. Во тој дел речиси немаше никави проблеми, туку напротив годинава имавме зголемена ефикасност, истакна вчера на прес-конференција министерот Спиро Ристовски.

Според него, останува загрижувачки податокот, што се уште е мал бројот на кандидати кои го одбираат предметот математика - основно ниво. Годинава, математиката била избор на 2.142 кандидати, за разлика од 2008 година кога имало 5.492 кандидати.

Намалување на бројот на кандидати има и кај математика - напредно ниво. Годинава се  пријавиле само 12 кандидати, со постигна просечна оценка  3,83.

За полагање англиски јазик како изборен предмет се одлучиле најголем дел од учениците. И оваа година има пораст на бројот на кандидати, за 200 повеќе во однос на лани,  односно вкупно 15.851. Од нив, 11,6 проценти не го положиле испитот, а 7,6 имаат одлична оценка.

Подобрување во однос на лани има и кај учениците кои полагале албански јазик и литература. Нивната просечна оценка годинава е 3,33, а во 2012 изнесувала 2,97. Просечна оценка  3,52 е резултатот на учениците кои полагаа турски јазики и литература. По предметот француски јазик е постигната просечна оцекна 2,72, германски јазик 3,97, руски јазик 3,53, естетика 3,71, филозофија 3,33.

Одделно по училишта најдобри резултати годинава постигнала битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, а по  неа се скопските  „Раде Јовчевски Корчагин“ и Орце Николов, охридската гимназија „Климент Охридски“ и „Ѓорѓи Димитров“ Скопје.

Матурантите што нема да поднесат приговор на резултатите ќе можат да ги сметаат за конечни прелиминарните.

Матурантите кои не положиле во јунскиот испитен рок, ќе можат повторно да се  пријават за полагање во август, односно на 13 август за мајчини јазици и 15 август за странски јазици, математика, филозофија и естетика. 

најчитано сега