ФОТО: „Потонаа“ галиите во Вардар

 

Сопственикот на бродовите кај МЕПСО и Холидеј Ин вели дека кога ќе има отворање, ќе ја информира јавноста, додека сопственикот на бродот кај ресторанот "Ања" изјави дека ова лето дефинитивно нема да започне со градење, јавува Вечер

Бродовите на реката Вардар кои требаше да го надополнат амбиентот во централното подрачје најверојатно ќе ја пропуштат оваа летна сезона. Иако од трите локации кои се продадоа за поставување на угостителски објекти бродови на реката на онаа спроти Старо-новиот театар работите се очекуваше да привршуваат, сопственикот на бродот Давор Андреевски не сакаше да коментира до каде е опремувањето на бродот и дали ќе биде готов до крајот на сезоната. Само кусо изјави дека кога ќе биде отворањето, јавноста ќе биде информирана. На другата локација која исто така е во негова сопственост, кај хотелот Холидеј Ин, е поставена само некоја основна конструкција уште во зимскиот период, но оттогаш ништо не е направено.
Останатиот закупец на локацијата кај ресторанот "Ања", каде што и бродот требаше да биде многу поголем од останатите два, вели дека за летово дефинитивно нема да има ништо на оваа место. 

Според условите во тендерот обврска на Градот е да обезбеди инфраструктура за објектите. Од Градот не појаснуваат дали и до кога концесионерите имаат рок да ги изградат бродовите. 
- Градот Скопје ја има изградено инфраструктурата за објектите и станува збор за приклучоци за струја, вода и фекална канализација. Останатото е обврска на концесионерот кој треба да ги изгради и стави во употреба сплавовите на Вардар, велат од Градот.

Изградбата, стопанисувањето и кирија за просторот се должност на инвеститорот. При отворањето на понудите фирмата "Фаланга Дим" понуди да плаќа 1050 евра месечна кирија за просторот кај МЕПСО и 1250 евра за локацијата под "Холидеј Ин". Договорот, а со тоа и бродовите на Вардар, е предвидено да трае десет години со можност за продолжување.

Договор со фирмата Воденица ОНЕ", која ќе го гради сплавот кај ресторан "Ања" и е поголем од останатите два предвидува концесионерот да плаќа кирија во висина од 35.990 денари и е двојно помала од онаа за првите два сплава.

Инаку во бродовите нема да има соби за ноќевање ниту, пак, ноќен бар или дискотека. Ќе биде пристојно место во кое скопјани, но и туристите што ќе го посетуваат градот ќе може да јадат и да се опуштат.

ФОТО: Вечер