Никнуваат фабрики, се отвораат работни места: На повидок нови странски инвестиции

Финишираат разговорите со повеќе странски компании за инвестиции во земјава. Во игра се фирми од различни сектори, дел од нив веќе имаат донесено интерни одлуки за инвестиции, дел се очекува да донесат ваква одлука во претстојниве месеци, дел се уште го скенираат теренот и бизнис – климата.

Од македонска страна во разговорите се вклучени повеќе страни: министрите за привлекување странски инвестиции, Агенцијата за привлекување странски инвестиции, Дирекцијата за слободни економски зони.

„Ние како Дирекција за технолошко – индустриски развојни зони сме во фаза на напредни преговори со околу десеттина компании. Дел од нив треба да донесат одлука за инвестирање во следните 1,5 до 2 месеца, дел имаат донесено интерни одлуки, се чекаат интерните потврди и објави од страна на бордот на директори. Се работи за сензитивни берзански информации и многу е важно кога и како ваквата одлука ќе се пласира. Јас сум оптимист дека до крајот на годинава ќе има уште неколку потврдени инвестиции кои ќе почнат да се реализираат во текот на наредната година“ – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Расте извозот од слободните зони

Слободните економски зони се полнат со нови инвеститори. Во Бунарџик веќе седум фабрики се оперативни со активно производство: „Џонсон Мети“, „Вистеон“, „Кемет електроникс“, „Текнохозе“, „Ван Хол“, „Протек“ и „Дијатек“.

Со почетокот со работа на „Дијатек“, во зоната во Скопје се присутни две италијански компании, две американски, една руска, една британска и една белгиска за производство на автобуси.

„Ја одбравме Македонија како место за инвестирање поради добрата статегиска позиција. Сметаме дека тоа ќе ни помогне да ги подобриме контактите со нашите купувачи од Медитеранот, Блискиот Исток и пошироко. Она што го прави Владата за привлекување странски инвеститори овозможува економски развој и зајакнување на демократијата во земјава“ – вели италијанскиот инвеститор Диего Мосна.

И во зоната во Штип е мешан составот, активни се американската „Џонсон Контролс“ и германската „Техникал текстил“, во фаза на изградба е погонот на италијанскиот инвеститор „Кондево“.

Влезот на новите инвеститори и зголеменото производство на постојните компании придонесе за значително зголемување на извозот во однос на лани, а очекувањата се дека до крајот на годината од слободните зони ќе бидат испорачани производи во вредност од 1,3 милијарди евра.

„За 8 месеци има драстично зголемување на извозот од зоните во однос на лани. Растот изнесува 31 процент, што е над нашите прогнози од крајот на декември и почетокот на јануари, кога очекувавме дека растот ќе се движи меѓу 10 и 15 проценти. Сметам дека со почетокот со работа на дел од новите инвеститори и со зголеменото производство од постојните, како „Џонсон Мети“, „Ван Хол“ и „Џонсон Контролс, годинава ќе ја завршиме со извоз што би надминал 1,3 милијарди евра. Сепак, треба да видиме што ќе се случува во месеците до крајот на годинава“ – вели Мизо.

Работата на странските – можност за домашните компании

Влезот на странските инвеститори и нивната работа во Македонија претставува можност за домашниот бизнис – сектор. Се зголемува бројот на македонски фирми кои активно се вклучуваат во добавувачкиот синџир и соработуваат со странските компании.

„Странските директни инвестиции вработуваат луѓе и отвораат работни места, но има и индиректен бенефит, бидејќи веќе е евидентна синергијата, односно поврзувањето меѓу странските инвеститори и домашните компании“ – објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Во моментов, повеќе од 500 домашни компании соработуваат со странските инвеститори. Ваквото партнерство носи корист и за двете страни. За нашите фирми тоа значи повеќе работа, трансфер на знаења и технологија, зголемена конкурентност. За странските, пониски трошоци за набавка и побрзо време на испорака. Ова резултира со креирање на индиректни работни места.

„Соработката резултира со помали производствени, транспортни и други трошоци, се заштедува време и капитал. Значајна придобивка од ваквата синергија е размената на технологија, знаења и вештини, се отвораат нови работни места, домашните фирми се интегрираат во глобалните економии“ – вели првиот човек на Советот на странски инвеститори, Хуан Педро Хименез Наваро.

Тоа го покажуваат и бројките. Се зголемува приходот на домашните компании од соработката со странските инвеститори. За седум месеци инкасирале 24 милиони евра, двојно повеќе од очекувањата.

„Ние имавме првична проекција дека оваа бројка во 2015-та година ќе се движи околу 30 милиони евра, а само за седум месеци приходите достигаа 24 милиони евра. Ова значи дека годинава може да се очекуваат приходи од околу 45 милиони евра, може и 50 милиони. Станува збор за приходи на домашните компании од нивното работење со странските компании кои инвестирале во Македонија. Ова значи дека користа од доаѓањето на странките компании е повеќестрана: се намалува невработеноста, се дава бизнис на домашните компании, се носат нови технологии и нови знаења. Затоа сметам дека ние мораме да продолжиме по тој пат“ – вели премиерот Груевски.

Странците ќе креираат 30 илјади работни места

Странските инвеститори ќе креираат над 30 илјади работни места во следните две до три години – напишаа економистите на ММФ во последниот извештај за земјава. Македонија почна да извезува високотехнолошки производи, со поголема додадена вредност, со што почна да се намалува и конкурентскиот јаз со поразвиените земји.

ММФ не советуваше и дополнително да ги подобриме врските меѓу странските и домашните компании, а главен предуслов за тоа е македонските добавувачи да ги подигнат стандардите.

 

 

Оцени ја веста

22.09.2015 - 08:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега