Во 13 општини обесштетени се околу 2.220 земјоделски семејства од поплавите

Владата почна со чистење на реката Црна за што се инвестираат околу половина милион евра, а дополнително ќе се инвестираат еден милион евра за чистење на каналите на потегот Битола - Новаци - Могила, истакна денеска премиерот Никола Груевски, кој е во посета на Пелагонскиот регион.

Тој посочи дека се работи на целиот потег на реката Црна којшто е критичен и оти ќе бидат доделени и дополнителни 300 тони нафта за механизацијата која работи на терен.

- Работиме со внимание за овој проект којшто ветивме дека ќе го направиме. Механизацијата е на терен и се работи со полна пареа. Средствата се обезбедени и нема никаква пречка за оваа работа да не ја завршиме, изјави Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека минатата година се исчистени 145 километри канали, а годинава дополнителни 85 километри.

Премиерот информира дека почнато е и обештетувањето на земјоделците и оти веќе во 13 општини околу 2.220 земјоделски семејства се обесштетени.

- Преостанува понатамошното исплаќање на земјоделците кои не ги примиле средствата заради обработка на документите за исплата. Во општините Могила, Новаци и Битола досега е исплатено обештетување на околу 985 семејства, а исплатата продолжува и понатаму, рече Груевски, изразувајќи надеж дека за месец до два треба да се заокружи овој процес. 

 

 

Оцени ја веста

21.09.2015 - 17:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега