Шеќеринска: Власта ќе ја смениме преку facebook
Во отсуство на пристап до традиционалните медиуми, власта ќе ја срушиме преку социјалните мрежи. Заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска во интервју за Радио Слободна Европа вели дека ќе се бараат разни начини да се изнесат партиските политки пред граѓаните.
„Треба да се изнесат пред граѓаните вистинските показатели, да се изнесат вистинските предлози, како сите овие проблеми со кои се соочува Македонија можат чекор по чекор да се решаваат и дури во моментот кога ќе излеземе со тие ставови, со тие анализи, со тие предлози, не смееме да помислиме дека со тоа сме ја завршиле работата. Ќе треба многу упорност и многу пред сè теренска работа за да сето тоа влезе во ушите на сè поголем број граѓани. Факт е дека пропагандата е систем којшто функционира, затоа е опасен и ако вие имате, не провладини, туку целосно владини медиуми коишто сто пати ве трујат со истите лаги, лагите влегуваат во уши и не смееме да имаме илузии дека тие толку лесно можат да се разбијат. Секојпат кога ВМРО-ДПМНЕ е под притисок, тие излегуваат со емисии посветени на оцрнување на опозицијата, а платени со наши пари, бидејќи најчесто излегуваат на јавниот сервис. Тој тип на оцрнување ќе продолжи, тој тип на перење на мозокот ќе продолжи. Единствената шанса на опозицијата која и е во раце е да ги користи социјалните мрежи, меѓутоа уште повеќе да користи директни контакти со граѓаните“ - вели Шеќеринска за РСЕ.
Таа додава дека напразно би правеле политчка програма доколку не дојдат на власт.
„Социјалдемократскиот сојуз е партија којашто има обврска прво да понуди алтернатива, а потоа и да потврди дека таа е победничка алтернатива, оти, знаете како, ако сте во опозиција и сте само алтернатива на власта, а притоа не добиете шанса да покажете дали она што го зборувате има резон, дека има шанса да се реализира во вистинскиот живот, тогаш џабе ви е и пишаната програма, џабе ви се и најавите и добрите кандидати, сето тоа останува во идно неодредено време. Ни треба понуда, ни треба да покажеме на јавноста дека она што го зборуваме е она во што вистински веруваме и потоа да не гледаат дека тоа е она што го работиме секој ден. Треба трпеливост, треба многу искреност, треба и многу аналитичка работа којашто ќе им покаже на граѓаните дека зад нас стои сериозна анализа и дека ним им нудиме одговорна понуда“ - вели Шеќеринска