„Полицијата не може да ти помогне“ - две девојки преплашени и ограбени кај Камениот мост во Скопје
Скопјаните С.С.(49), Ј.З.(53), А.А.(59) и С.А.(50) заработија кривични пријави поради основано сомнение дека на трети овој месец, околу 11:00 часот, на платото пред Стоковна куќа Мост кај Камениот мост, С.С. и Ј.З. заедно со А.А. и С.А. ја нападнале и ограбиле турската државјанка Б.М.(24), информираат од МВР. Според полицијата, разбојниците од Б.М. одзеле две банкноти од по 100 евра.
Разбојниците ги забележале Б.М. и нејзината другарка Ј.Н. близу Камениот Мост и одлучиле да ги нападнат кога виделе дека Б.М. брои пари кои претходно ги заменила во една од околните менувачници. Тие ги опкружиле девојките, Ј.З. фатил Б.М. за рака и ја убедувал да игра хазардна игра со кибритчиња. Ова им го одвлекло вниманието на двете другарки, па тогаш настапил С.С. кој насилно и ги грабнал парите на Турчинката. НАтрапникот избегал кон Турската чаршија, а неговите помошници останале да ги убедуваат девојките да не повикуваат полиција, велејќи им дека никој не може да им помогне. Откако му оставиле време на С.С., и тие избегале кон Турската чаршија. Б.М. повикала полиција, кратко време по нападот.
-Од страна на Полициски службеници сторителите непосредно по извршувањето на кривичното дело биле пронајдени и приведени во ПС ОН „Центар“ каде со истите се извршени разговори. Од страна на оштетената и нејзината другарка во ПС ОН „Кисела Вода“ извршено е препознавање и истите со сигурност ги препознале и сторителите и помагачите при извршувањето на кривичното дело. Со потврда за одземени предмети од С.С. се одземени две банкноти од по 100 евра кои се вратени на оштетената.Од извршените проверки во крим.евиденциите утврдено е дека лицата минуваат за извршени повеќе кривични дела и тоа: С.С. минува за сторени КД„Тешки кражби“; Ј.З. за сторени „Тешки кражби“, „Кражби“ „Измама“ и „Дрски кражби“; А.А. за сторени „Тешки кражби“ „Кражби“ „Измама“, „Комар“ и С.А. минува за сторени КД „Тешки кражби“, стои во соопштението од полицијата.