Никнуваат фабрики, се отвараат работни места - јакне соработката меѓу домашните и странските компании

Домашниот приватен сектор создава сè потесни врски со странските компании. Фирми од земјава работат на изградба на производствените хали на странците, на машините за производство, на одредени делови за финалниот производ, а се вклучени и во делот на логистиката, транспортот, аутсорсингот, пишува Лидер.

-Во случајот на Џонсон Мети, две компании станаа добавувачи на глобално ниво. Има голем број компании кои се вклучени и во сервисирањето на опремата и машините, на изработка на делови. Вкупната бројка е околу 500 компании кои активно работат и соработуваат со странските компании, вели директорот на слободните зони, Виктор Мизо.

Дека работите се тргнати во посакуваниот правец потврдуваат и домашните бизнисмени.

-Странските директни инвестиции вработуваат луѓе и отвораат работни места, но има и индиректен бенефит, бидејќи веќе е евидентна синергијата, односно поврзувањето меѓу странските инвеститори и домашните компании, објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

На терен интензивно се работи со домашните добавувачи, во насока на подобрување на квалитетот и на конкурентноста, како и на обезбедување на потребните сертификати, неопходни за нивно вклучување во синџирот на снабдување на странските компании.

-Странските компании секогаш ја разгледуваат можноста да најдат добавувачи на локално ниво кои би ги задоволиле нивните потреби. Домашните фирми треба да се конкурентни со цената и да бидат сертифицирани, укажува Мизо.

Италијански „Дијатек“ работи со македонски машини

Во Бунарџик почна со работа и седмата странска компанија. „Дијатек“ ги отвори погоните за дигитално печатење, со опрема изработена во Кочани и вградена во трите производствени линии. Инвеститорот најави дека ќе се обиде и дел од репроматеријалите и суровините да ги обезбедува од нашиот пазар.

-Ја одбравме Македонија како место за инвестирање поради добрата статегиска позиција. Сметаме дека тоа ќе ни помогне да ги подобриме контактите со нашите купувачи од Медитеранот, Блискиот Исток и пошироко. Она што го прави Владата за привлекување странски инвеститори овозможува подобар економски развој и зајакнување на демократијата во земјава, вели италијанскиот инвеститор Диего Мосна.

Уште еден пример за добра соработка со странците е штипска Актива. Партнерството со „Ван Хул“ резултираше со изградба на целосно нова фабрика за склопки за автобуси.

-Големо влијание за намалување на невработеноста имаат работните места што се отвораат во новите капацитети на странските компании и на домашните фирми. Мене ме радува што во Штип се отвори ваков огромен капацитет, во кооперација со странска компанија којашто веќе инвестирала во Македонија. Сметам дека овој модел треба да се експлоатира во делот на инвестициите, оценува универзитетскиот професор, Сашо Кожухаров.

Странците ќе креираат 30 илјади работни места

Странските инвеститори ќе креираат над 30 илјади работни места во следните две до три години – напишаа економистите на ММФ во последниот извештај за земјава. Македонија почна да извезува високотехнолошки производи, со поголема додадена вредност, со што почна да се намалува и конкурентскиот јаз со поразвиените земји.

„Македонија останува многу конкурентна во делот на производството на текстил, пијалаци, тутун и храна, но земјата прави драматичен чекор напред и во делот на хемиските производи“ – напишаа монетарците во извештајот.

ММФ нотира дека и покрај нискиот потенцијал што е резултат на фактот што сме мала економија, Македонија успела да привлече значителни СДИ, како резултат на финансиските поволности, трошоците за работната сила, подобрената бизнис клима.

ММФ не советува и како дополнително да ги подобриме врските меѓу странските и домашните компании, а главниот проблем е како македонските добавувачи да ги исполнат стандардите.

„За да се продлабочи вклученоста во европскиот синџир на добавување и да се зајакнат врските со домашната економија, потребна е подобра инфраструктура, дополнителни реформи за подобрување на вештините и на деловниот амбиент за домашниот приватен сектор“ – се вели во оценката од Фондот.

Нови компании почнуваат со работа

Во претстојниот период се очекува уште неколку компании да почнат со производство, а паралелно течат преговорите и со други странски инвеститори. Финишира изградбата на капацитетот на „Маркард“ во велешко Караслари, а во октомври и американски „КСС“ ќе се всели во новиот објект во Кичево. Следна фабрика за отворање во Бунарџик е на „Капкон“, а веќе во финална фаза се преговорите со уште една американска компанија од автомобилскиот сектор која според информациите, ја разгледува можноста да позиционира во скопската слободна економска зона и да отвори 500 работни места.

 

 

Оцени ја веста

11.09.2015 - 08:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега