Јанакиески: Пругата кон Бугарија станува реалност

 

Kон средината на септември ќе се приберат понудите за изградба и рехабилитација на делницата од Kуманово до Бељаковце, со што ќе почне проектот за железничко поврзување со Бугарија, вели во интервју за денешниот број на „Дневник“, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. 

„За изградба и рехабилитација на делницата од Kуманово до Бељаковце до 16 септември оваа година е крајниот рок за доставување на понудите, по што ќе следува постапка за процена на истите, а потоа ќе се склучи договор меѓу „МЖ Инфраструктура“ и прворангираната компанија. Во фазата на претквалификација, од 16 компании што доставија понуди, девет ги исполнија условите. За оваа делница, која е со должина од 30 километри, комплетно е завршена изработката на основните проекти во јуни оваа година, за што обезбедивме грант од инструментот ВБИФ во висина од еден милион евра, додека парите за градежните работи се обезбедени од ЕБОР, во висина од над 46 милиони евра. За оваа делница, исто така, е обезбеден грант од инструментот ВБИФ во висина од 2,5 милиона евра за избор на консултантска куќа која ќе врши надзор над градежните работи. Во текот на следната недела, по претходно спроведена постапка, ќе биде склучен договор меѓу „МЖ Инфраструктура“ и компанијата „Обермајер“ за изработка на основни проекти, како и потребната документација за избор на градежна компанија за делницата Бељаковце- Kрива Паланка од Kоридорот 8, која е во должина од 34 километри. Ангажманот на консултантот ќе биде две години, од кои 18 месеци ќе бидат наменети за изработка на основни проекти, а последните 6 месеци ќе се спроведува постапката околу изборот на градежната компанија“, вели Јанакиески.

Министерот објаснува дека градежните активности на делницата опфаќаат рехабилитација на постојната пруга преку подобрување на техничките карактеристики, замена на старите и дотраени прагови и шини со нови, поправање на лежиштата и обновување на изолацијата. Потоа, ќе се изгради нов мост во месноста Лопате и ќе се обноват постојните мостови, а ќе бидат инсталирани и нови кабелски водови, огради и безбедносни бариери за заштита од бучава и вибрации. Дополнително ќе се постават нови сигнално-сигурносни уреди и ќе се изградат три нови железнички станици, Kуманово Ново, Шупљи Kамен и Бељаковце, како и шест стојалишта во Лопате, Перо Чичо, Проевце, Доброшане, Kлечовце и Довезанце, како и изградба на подвозници и надвозници.

Во однос на изгрдбата на делот од железничкиот Коридор 8 кон Албанија, Јанакиески вели дека идејниот проект, физибилити-студија и студија за влијание на животната средина се готови и почнаати се постапките за избор на понудувач кој ќе го изготви основниот проект со кој ќе се комплетира проектната документација.

 

„Парите се обезбедени од европските фондови во висина од 8 милиони евра. Очекувам истиот да биде готов до крајот на 2015 година и конечно ќе се дојде до еден зрел проект што во иднина ќе може да се реализира со инвестиции во градежните активности за оваа делница, која е долга повеќе од 60 километри“, вели Јанакиески за Дневник.

најчитано сега